Skip to main content

Албумот FOLTIN RE:COMPOSED е составен од нови читања на композиции од „Фолтин“

Во годината кога одбележуваме 30 години од првиот концерт, решивме дел од прославата да им ја препуштиме на другите. Ја препуштаме на пријателите, на музичарите со кои сме се сретнале по патот и на оние што во некој момент влегле во нашата музика, а потоа ја понеле со себе.

FOLTIN RE:COMPOSED е албум составен од нови читања на композиции од Фолтин, создадени од музичари од Македонија и регионот. Секој од нив избра по една песна и ја прераскажа на свој начин, низ сопствениот музички јазик, сензибилитет и искуство. Некои песни отпловија во неочекувани правци. Други се вратија поблиску до својот извор. Некои добија ново лице, некои ново срце. И токму тоа е убавината на оваа приказна. Песната еднаш ќе ја пуштиш во светот, а потоа таа почнува да живее свои животи.

Од 29 јуни, секој понеделник во текот на летото, ќе објавуваме по една композиција од проектот FOLTIN RE:COMPOSED. Започнавме со Re:Суперхикс и нивната верзија на “Несоница”. Одбројуваме до 6ти јули за наредната RE: композиција. Премиерното емитување ќе биде на радио Метрополис, во шоуто “Маја за подварок и менопауза”, со Маја Казакова, а истиот ден композицијата ќе биде достапна и на официјалните музички канали на Фолтин благодарение на Filter Label. По завршувањето на оваа серија дигитални објави, „Re:Composed“ ќе биде објавен и на винил, во соработка со Password Production.

Секоја недела ќе пристигнува по едно ново читање на позната приказна, по еден мал доказ дека добрата музика не завршува кога е создадена, туку продолжува да живее низ оние што ја слушаат, ја сакаат и повторно ја измислуваат.

Имињата ќе ги откриваме едно по едно, како што се собира друштвото, како што доаѓаат старите и новите пријатели… зошто јубилеите не се бројат во години, тие се мерат во луѓето што остануваат покрај тебе.Првата композиција исплива во јавност на 29 јуни, сега одбројуваме до 6ти јули!

Визуелизацијата и на овој роденденски проект е на нашиот добар пријател и реномиран визуелен уметник Зоран Кардула.

Песните повторно тргнуваат на пат. Овојпат, низ туѓи срца, а со истата љубов.

Поврзани вести