
Премиерот Христијан Мицкоски денеска објасни за ситуацијата со Изборниот законик и блокадата на опозицијата.
Потсети дека Левица учествуваше во целиот процес на договарање на овој закон и дека работната група прифатила се што побарале. Мицкоски рече дека Левица ја интересираат само пари.
– Додуша нивниот главен фокус беше на финансирањето на кампањата. Се што побараа им беше прифатено. Усогласено беше со сите со кои преговараа. Впрочем, има и записници. Сега ние не можеме да зборуваме едно позади завеса, а друго да правиме пред завеса. Проблемот каде настана? Кога политичката партија рече ние нема да се потпишеме. Вие потпишете се. Ние нема да правиме филибастеринг, вие слободно гласајте го и така да помине. Со тоа каква порака испраќаат? Ние добивме тоа што сакаме. Работевме цело време најлицемерно, сега откажуваме за да се прикажеме пред оние што не поддржуваат дека еве ние сме тврдокорните, робиспјерови некои следбеници или не знам што, а во суштина како мачиња се си прифатија за време на дебатата. Тоа е таа лицемерна политика која што континуирано оваа политичка партија ја води. И еве да им олеснам, бидејќи гледам дека во јавноста шпекулираат со тоа дека јас сум предложил дијаспората да биде вклучена во гласањето, што е природно, на електронски начин од следните претседателски избори 2029 година, па јас ќе сум се кандидирал, па затоа тоа сум го предложил. Нема да се кандидирам – рече Мицкоски.
Потенцираше дека кога ќе му заврши мандатот претседател на Владата ќе се врати на факултет меѓу студентите.
Мицкоски потсети дека поранешниот премиер Зоран Заев кажал дека ја финансирал Левица за да работи против ВМРО-ДПМНЕ и дека „едно прават пред завеса, друго зад завеса“.
– Вие се сеќавате кога излезе Зоран Заев и кога рече видете дечки јас ви помагав ви обезбедував ресурси за да работите против ВМРО-ДПМНЕ и се договоривме потоа да коалицираме. Лично тоа им го кажав. Тоа значи дека едно прават позади завеса, а друго прават пред завеса. Доста е со тоа лицемерие, доста е со тоа лажни конструкции на чесност или не знам што, кога во суштина само пари ги интересира. И тоа треба да го знаат граѓаните – рече Мицкоски.
За барањата на СДСМ рече дека ќе ги прифатат, освен тоа за дијаспората.
– Ние многу јасно кажавме, освен делот со дијаспората кажете се што треба ќе прифатиме. Немаме проблем, затоа што ние цениме дека нашата дијаспора треба да го оствари своето право по електронски пат. Да речеме во Австралија, треба некој да патува десет часа со авион за да го оствари своето гласачко право и тоа не е коректно. Зборувам за оние кои се на Избирачкиот список и оние кои поседуваат македонски пасоши. Се останато како што ќе кажат така ќе прифатиме – рече Мицкоски.
Премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ рече дека ќе го прифатат и барањето за една изборна единица, но предупреди дека „не можеме таа една изборна единица да ја оставиме по природен пат да си тече“. – За да покажете дека сте сериозни мора да има одреден цензус којшто вие морате да го постигнете за да влезете во Парламентот. Ова не е шведска маса, па што ни чини да си прифаќаме што не ни чини да си оставаме на масата. Тоа така не функционира. Мора да сме одговорни и зрели луѓе затоа што граѓаните од нас очекуваат одговорност и зрелост, а не политикантство и детски манири да покажуваме, а се обидуваме да бидеме сериозни политичари, рече Мицкоски.

Македонски


