Skip to main content

Гран при за претставата „Анна“ и „Златен лав“ за актерката Маја Љутков на Меѓународниот фестивал во Умаг

Со доделувањето на наградите во Умаг, Хрватска заврши 27-от Меѓународен фестивал на камерен театар „Златен лав“, кој и оваа година ја продолжи традицијата на обединување на истакнати театарски уметници и ансамбли од Хрватска, Македонија, Словенија, Италија и други земји од регионот.

Стручното жири го сочинуваа претседателката Мирна Фаркаш Саламон и членовите на жирито Марија Пуришиќ и Ксенија Клајиќ Павловиќ. Наградата „Златен лав“ оваа година ѝ беше доделена на актерката Маја Љутков, за улогата на Ана во претставата „Анна“, по текст на Драгана Лукан Николоски и во режија на Нина Николиќ, создадена како копродукција на Театар Комедија и „Перипетија“ продукција.

Порталот Гласот на Истра го пренесува образложението на стручното жири: „

Маја Љутков ја изведе една од најтешките улоги во класичната литература, „Ана Каренина“ од Толстој, со самоуверена, модерна и длабоко промислена изведба, трансформирајќи ја Ана во икона на современото општество со која не е тешко да се идентификува.

Оваа претстава го добива и Гран при-то на фестивалот. Како што е наведено во образложението:

Наградата се доделува на моќна и трогателна драма што остава длабок емотивен белег и го доведува во прашање светот во кој живееме. Брутално и искрено, модерната адаптација на класикот на Толстој „Ана Каренина“ ги прикажува семејните проблеми и играта на моќ што го префрла фокусот од конзервативно аристократско општество каде што репутацијата е сè, кон социјалните медиуми и кревкиот свет на инфлуенсерите каде што репутацијата е сè“.

Станува збор за современа драма која низ интимна и емотивна приказна ги отвора темите на љубовта, припадноста, семејните односи и личната слобода. Претставата говори за цената на изборите што ги правиме и за потребата да останеме верни на себеси, дури и кога тоа значи судир со очекувањата на околината. Во претставата покрај Маја настапуваат и Благој Веселинов, Саша Ханџиќ, Маја Зеќо и Тони Денковски (глас). Сценографијата е на Илина Ангеловска костимографијата на Ивана Каранфиловска Угуровска и музиката на Оливер Јосифовски.

Поврзани вести