
Американскиот претседател Доналд Трамп, на социјалната мрежа „Трут Соушл“ објави дека САД извршиле нови воздушни напади врз ирански складишта за ракети и беспилотни летала, како и врз радарските станици лоцирани по должината на брегот на Иран.
Според Трамп, американскиот напад доаѓа како одговор на уште едно кршење на договорот за прекин на огнот меѓу Вашингтон и Техеран, односно откако вчера танкер за нафта бил погоден од граната во Ормутската теснина.
Американските авиони ги нападнаа иранските складишта за ракети и беспилотни летала, како и крајбрежна радарска станица, поради уште едно кршење на договорот за прекин на огнот! Многу е веројатно дека никој не научил лекција!“, се вели во објавата на Трамп.
Американскиот претседател, исто така, испрати предупредување до Иран.
Може да дојде момент кога повеќе нема да можеме да бидеме разумен и ќе бидеме принудени да го завршиме со воени средства тоа што го почнавме толку успешно. Ако се случи ова, Исламската Република Иран повеќе нема да постои!“, изјави Трамп.
Централната команда на вооружените сили на Соединетите Американски Држави објави дека американската армија почнала нови напади врз Иран, откако претходно во текот на денот танкер што пловел под панамското знаме бил нападнат од ирански дрон.
Иранската државна телевизија ИРИБ изутринава по локално време објави дека се слушнале експлозии во Сирик, во јужниот дел на Иран.
На Иран му беше дадена шанса да го почитува договорот за прекин на огнот, но тој одлучи да не го стори тоа“, се вели во соопштението на Централната команда на САД.
Во соопштението се наведува дека нападот е „директен одговор на континуираната агресија на Иран врз трговското бродски превоз“ и дека целта се воениот надзор, комуникациите, воздушната одбрана, депоата за беспилотни летала и бродовите за поставување мини на Иран.

Македонски



