
Холандскиот Кралски метеоролошки институт издаде портокалов метеоаларм поради екстремните високи температури на воздухот во сите покраини, со исклучок на Фризија, Дренте и Гронинген, каде во сила е жолт метеоаларм.
Портокаловиот метеоаларм е воведен бидејќи се очекува температурата на воздухот да се искачи најмалку до 34 степени Целзиусови во следните три дена.
Додека во Велика Британија е прогласен црвен метеоаларм на подрачјата од Лондон до Свонси и од Сомерсет до Бирмингем од девет часот утре до 21 часот в четврток.
Британската метеоролошка служба соопшти дека се очекува топлотниот бран да предизвика сериозни последици, дури и опасни по животот на граѓаните. Исто така предупредува дека е потребно да се воведат „значителни промени“ во работата и секојдневната рутина, а се очекува и прекини во снабдувањето со електрична енергија или дефекти на инфраструктурите системи чувствителни на топлина.
И Франција е погодена од топлотен бран, а за време на викендот се регистрирани околу 20 смртни случаи од давење.
Француската министерка за спорт и млади Марина Ферари апелираше до граѓаните да бидат внимателни и да пливаат само во уредени и базени под надзор, нагласувајќи дека пливањето во необезбедени зони за време на топлотни бранови може да претставува сериозен ризик.
Ферари посочи дека повеќе од 90 проценти од населението на Франција е изложено на екстремно високи температури. (МИА)

Македонски



