Skip to main content

Вучиќ: Сите ќе бидат повикани да дадат изјава да објаснат каде бил „звучниот топ“

Facebook / Александар Вучић

Српскиот претседател Александар Вучиќ, во изјава за белградски медиуми изјави дека воениот анализитичар Александар Радиќ бил повикан во обвинителство за да даде изјава за случајот „звучен топ“. Изјавата ја даде откако полицијата изврши претрес на станот на Радиќ.  

Радиќ бил повикан да даде изјава. Сите ќе бидат повикани да дадат изјава, ништо посебно. Наместо тоа, тие сакаат да играат игри на саможртва или дека секогаш се жртви, маченици и не знам што. Значи, дајте изјава и објаснете каде бил звучниот топ“, рече Вучиќ.

Српскиот воен аналитичар Александар Радиќ, во придружба на полицијата, беше изнесен попладнево од зградата во Белград каде што се наоѓа станот на неговата сопруга по полициски претрес.

Адвокатот на Радиќ, Стефан Ќорда, изјави за Н1 дека нема основа за апсење на Радиќ. Тој претходно потврди за Н1 дека полицијата „собира докази против Радиќ, наводно за кривично дело „Напад врз уставниот поредок на Србија“. 

РТС објави неофицијална информација дека полицијата го претресла станот и канцеларијата на Радиќ по наредба на Вишото јавно обвинителство поради „ширење информации за употреба на звучен топ“.

Радиќ беше еден од првите што јавно проговори за употребата на „звучен топ“ за време на протестот на 15 март 2025 година.

Главниот уредник на новинската агенција Бета, Војкан Костиќ, денеска изјави дека му е врачена покана од Управата за криминалистичка полиција со цел собирање информации во предистражната постапка за кривично дело „подготовка на дело против уставниот поредок и безбедноста на Србија“. Костиќ за Н1 изјави дека ја примил поканата додека известувал за претресот на станот на воениот аналитичар Александар Радиќ.

Според него, полицијата не сакала да одговори на прашањата зошто се спроведува претресот. Порано денеска, Костиќ имал интервју со Радиќ.

Здружението на независни електронски медиуми (АНЕМ) во Србија, изрази сериозна загриженост во врска со претресот на станот на Радиќ, доставувањето покана до уредникот на агенцијата Бета, Војкан Костиќ, и таргетирањето на новинарот на неделникот „Радар“, Милан Радоњиќ, по повод, како што објавија, истрагата за наводите за употреба на звучен топ на 15 март минатата година на протест во Белград.

Во соопштението за медиумите, тие оценија дека е неприфатливо новинари и аналитичари кои се занимавале и јавно коментирале за тема што ги вознемирува граѓаните и јавноста во последната година да бидат цел на истрагата.

Таргетирањето на новинарите и аналитичарите е закана за слободата на говорот и изразувањето во Србија и мора веднаш да се запре“, се вели во соопштението.

Вишото јавно обвинителство во соопштени денеска објави дека „сите оние за кои е утврдено дека го подготвиле, организирале, имплементирале, а потоа и ширеле во медиумите и социјалните мрежи истиот наратив за наводната употреба на „звучен топ“ ќе бидат гонети.

Претресот се случува три дена по објавата на Вишото јавно обвинителство во Белград дека спроведува истрага за поврзаноста помеѓу студентското движење и случајот „звучен топ“.

На 15 март лани, на масовен антивладин собир, илјадници луѓе се разбегаа за време на оддавање почит на жртвите од падот на бетонската настрешница на железничката станица во Нови Сад. Учесниците сведочеа за необичен звук и вибрации што ги натерале да се засолнат.

Обвинителството изјави дека добиле информации за состанок на студентите во блокада од јануари 2025 година и дека постои сомневање дека учесниците на состанокот по овие разговори почнале да работат на спроведување на планот за „симулирање ситуација“ во која ќе се појави дека полицијата користела „звучен топ“ на протестот против демонстрантите.
Студентите во блокадата ги негираа тие тврдења истиот ден на социјалните мрежи, тврдејќи дека тоа е „уште една лага и одвлекување на вниманието од суштинското прашање – што се случи на 15 март“.

Случајот „звучен топ“ пред Првото основно јавно обвинителство во Белград се уште е во фаза на предистражна постапка по повеќе од една година. Случајот го привлече вниманието и на меѓународната јавност. Истрага побараа Европската Унија и ОН.

Поврзани вести