Skip to main content
Според сирискиот претседател, Ахмед ал Шара

Сирија се противи на воена интервенција во Либан и е отворена за дијалог со Хезболах

Сирискиот претседател Ахмед ал Шара изјави дека Сирија останува против каква било воена интервенција во Либан и наместо тоа се залага за поддршка на стабилноста преку политичка и економска соработка.

Во интервју за телевизијата „Ал Машхад“ Шара рече дека Дамаск одржува контакти со американскиот претседател Доналд Трамп во рамките на напорите за намалување на тензиите во Либан.

Тој нагласи дека улогата на Сирија треба да биде „позитивна“ и насочена кон поддршка на стабилноста.

Бараме економски канали меѓу Либан и Сирија, а не воени –  изјави сирискиот лидер, додавајќи дека секое решение за либанската криза мора да вклучува прекин на огнот, како и политички, економски и социјални мерки, наместо воени дејствија.

Шараа предупреди дека секоја непромислена интервенција во Либан би можела дополнително да ја наруши стабилноста во регионот и нагласи дека конфликтот има сериозни последици и за Либан и за Сирија.

Тој додаде дека не ја исклучува можноста за дијалог со Хезболах, организација поддржана од Иран, доколку тоа е во интерес и на Либан и на Сирија.

Ако тоа е во интерес на Либан и ги штити интересите на Сирија, зошто да не? – изјави Шараа.

Сирискиот претседател истакна дека Дамаск го поддржува зајакнувањето на либанските државни институции и зачувувањето на суверенитетот на Либан, додавајќи дека трајната стабилност бара сеопфатни политички решенија и регионална соработка. 

Поврзани вести