Skip to main content

4.000 турсти викендов во Делчево, најмногу од Бугарија

– Повеќе од 4.000 посетители престојувале во Делчево во текот на изминатиот викенд, кој се совпадна со првиот ден од летото, објави градоначалникот на Делчево, Иван Гоцевски.

Според Гоцевски, зголемен е и бројот на патници кои преку граничниот премин Делчево влегуваат од Република Бугарија, што, како што наведува, придонесува за раст на туристичкиот промет и економската активност во општината.

Тој оцени дека активностите за промоција на Делчево како туристичка дестинација веќе даваат видливи резултати и оти локалното стопанство започнува нов инвестициски циклус поттикнат од зголемената посетеност.

– Воспоставениот систем за промоција на Делчево дава резултати, а економската активност во градот бележи позитивен раст. Особено охрабрува тоа што локалните бизниси ги препознаваат овие трендови и инвестираат во понатамошен развој – наведува Гоцевски во објавата.

Тој најави дека во текот на оваа недела ќе се одржи првиот конститутивен состанок на Советот за развој на туризмот во Делчево, каде ќе се разгледуваат и креираат мерки за понатамошен развој на туристичкиот сектор и локалната економија.

Градоначалникот посочи дека природните потенцијали на регионот, планините Голак, Средна и Влаина, како и реката Брегалница, заедно со културната и гастрономската понуда, создаваат услови за успешна туристичка сезона.

Според најавите, во текот на летото во Делчево ќе бидат организирани повеќе културни и туристички настани, а во наредните денови се очекуваат и нови информации поврзани со локалниот економски развој. в

Поврзани вести