
Со заедничка јога-сесија во Градскиот парк во Скопје, Индиската амбасада во Македонија го одбележа Меѓународниот ден на јогата, глобална иницијатива која ги промовира физичкото и менталното здравје, внатрешната рамнотежа и здравиот начин на живот.
На настанот, одржан кај Школка во Градскиот парк, учествуваа бројни граѓани, љубители на јогата, претставници на Владата, членови на дипломатскиот кор и други гости. Учесниците имаа можност да практикуваат јога под водство на искусни инструктори, следејќи внимателно подготвена програма со јога-пози, техники на дишење и вежби за релаксација, проследени со пригодна музика.
Присутните ги поздрави амбасадорот на Индија во Македонија, г. Арун Кумар Саху, кој истакна дека јогата е еден од најзначајните придонеси на Индија кон светското културно наследство и денес претставува универзален јазик на здравјето, мирот и благосостојбата.
„Јогата не е само физичка активност, туку целосен пристап кон животот што поттикнува хармонија меѓу телото, умот и околината. Нејзините вредности се особено важни во современиот свет, кога грижата за здравјето и менталната благосостојба стануваат сѐ позначајни“, истакна амбасадорот Саху.
Овогодинешното глобално мото на Меѓународниот ден на јогата – „Yoga for Healthy Aging“ („Јога за здраво стареење“) – ја нагласува улогата на јогата во одржувањето на физичката подвижност, менталната свежина и квалитетот на животот во сите возрасни периоди. Преку редовно практикување, јогата придонесува за подобро здравје, намалување на стресот, подобрување на рамнотежата и поголема виталност.
Меѓународниот ден на јогата се одбележува секоја година на 21 јуни, согласно резолуцијата на Генералното собрание на Обединетите нации усвоена во 2014 година по иницијатива на Индија. Оттогаш, милиони луѓе во повеќе од 180 земји ширум светот учествуваат во настани посветени на јогата и нејзините придобивки.
Настанот во Скопје беше дел од оваа глобална прослава и уште еднаш ја потврди растечката популарност на јогата во Македонија. За сите учесници беа обезбедени пригодни маички, сертификати за учество и освежување, а дружењето продолжи во пријатна и позитивна атмосфера, исполнета со пораки за здравје, хармонија и меѓусебно разбирање.
Со одбележувањето на Меѓународниот ден на јогата, Индиската амбасада продолжува да ги зајакнува културните врски меѓу Индија и Македонија и да ги промовира универзалните вредности на здравиот и балансиран начин на живот.

Македонски



