
Италијанската премиерка Џорџа Мелони упати остри критики до американскиот претседател Доналд Трамп, обвинувајќи го дека измислил приказна според која таа „молела“ да се фотографира со него на недамнешниот самит на Г7. Мелони изјави дека е „вџашена“ од неговите коментари и ги оцени како „целосно измислени“, додавајќи дека американскиот лидер покажува поголемо почитување кон непријателите на Западот отколку кон традиционалните сојузници.
Реакцијата на Рим следува по краткото интервју на Трамп за италијанската телевизија „Ла7“ (La7). Иако официјалното видео од настанот прикажува пријатен разговор меѓу двајцата лидери, Трамп изјави дека само сакал да ѝ направи задоволство, тврдејќи: „Таа ме молеше да се фотографирам со неа“. Телевизискиот канал не објави оригинален аудиозапис од изјавата, туку само синхронизирана верзија на италијански јазик.
„Ниту јас, ниту Италија никогаш не молиме“, порача Мелони во официјалната реакција, критикувајќи го Трамп за попустливост кон автократските водачи на непријателските земји.
Како директен одговор на овој дипломатски инцидент, италијанскиот министер за надворешни работи Антонио Тајани на платформата Икс објави дека ја откажува својата официјална посета на САД, планирана за 21 и 22 јуни, во знак на најостра осуда за „сериозните и навредливи изјави“ на американскиот претседател.
Инаку, Мелони во минатото беше гласен поддржувач на Трамп и лично присуствуваше на неговата инаугурација во јануари 2025 година. Сепак, односите нагло се заладија откако италијанската премиерка се дистанцираше од Вашингтон поради нападите на Трамп врз папата и низа други негови надворешнополитички постапки, што предизвика серија жестоки контрареакции од Белата куќа. (МИА)

Македонски



