Skip to main content

„17“ номиниран за ФИПРЕСЦИ награда заедно со Канскиот победник

Словачката премиера на дебитантскиот игран филм „17“ на Косара Митиќ е закажана за 23 јуни, вторник, во рамките на 32 издание на најстариот и еден од најзначајните интернационални филмски фестивали во Словачка – АРТ ФИЛМ во Кошице (19 – 25 јуни 2026 година).

Филмот учествува во програмата насловена „Во светлоста на сенките“ (In the Light of Shadows), што Фестивалот ја посветува на дела коишто поттикнуваат размислување и дискусија, истакнувајќи и истражувајќи ги сложените и честопати занемарени животни ситуации во кои се наоѓаат женските протагонисти.

АРТ ФИЛМ во соработка со ФИПРЕСЦИ – Меѓународната федерација на филмски критичари доделува награда за филм со исклучителна креативна визија и уметничка вредност, со цел да ја промовира филмската уметност и да ги поттикнува новите и иновативни таленти. Годинава, за оваа награда ќе се натпреваруваат осум филма од три различни фестивалски програми.

Осумте филмови ставени пред жирито на ФИПРЕСЦИ се избор од најмоќните дела што современото светско кино може да ги понуди оваа година – од победникот на Kанскиот „Un Certain Regard“, преку Сребрената мечка од Берлинале, до режисерските дебија од Швајцарија и Македонија. Словачка ќе биде претставена со два ветувачки наслови. Токму затоа што наградата ФИПРЕСЦИ се доделува на филмови од неколку програми, жирито добива можност да спореди авторски изрази од различни контексти – и отвора простор за публиката да ја погледне фестивалската програма низ очите на меѓународната критика“, објаснува уметничкиот директор на Арт Филм, Мартин Палух.“

За наградата ФИПРЕСЦИ одлучува и ја доделува трoчлено интернационално жири од филмски критичари, годинава во состав: Пјер-Ив Роже, француски новинар и филмски критичар, Клементин ван Вијнгарден, холандска филмска новинарка и Матуш Квасничка, словачки филмски публицист и главен уредник на порталот Filmsk.sk.

Поврзани вести