Skip to main content

Филипче: Имаме чиста преговарачка рамка, треба да се почитуваат малцинските права и Бугарите да влезат во Уставот

– Позицијата е јасна. Преговарачката рамка е преговарачка рамка, која што е чиста и која е иста како што е за сите други земји, како што е за Црна Гора, како што е за Албанија, вели претседателот на СДСМ, Венко Филипче кој денеска одговараше на новинарски прашања за преговорите со ЕУ. Тој посочи дека во рамките на францускиот предлог и протоколите кои што се веќе усвоени, и првиот протокол каде се преземаат обврски да се почитуваат и договорите за меѓусоседство и да се охрабри да работи Историската комисија не е услов формален, официјален, да биде предмет на блокада на евроинтегративниот пат, и како што рече „е нешто што го говориме цело време“. 

СДСМ

– Имаме чиста преговарачка рамка, во рамките на тоа треба да се почитуваат малцинските права, затоа Бугарите треба да влезат во Уставот како едно малцинство од многуте, покрај Хрватите и така натаму. И понатаму, Историската комисија која што треба да си работи, што не е нешто ново. Многу земји имале такви историски комисии. И не е точно дека само ние ја имаме таа обврска за почитување на малцинските права. И ќе дадам еден пример, сега многу свеж и актуелен, кој што премиерот никако не го искоментира, освен што ја нападна опозицијата, тука дека била предавничка или неконструктивна во рамките на неговиот наратив. А тоа е случајот со Украина. Тоа е случајот откако новиот унгарски премиер за разлика од неговиот претходник Орбан, големиот пријател на Христијан Мицкоски, којшто му даде една милијарда евра кредит, така направи договор со Украина и Украинците преземаа обврска да работат на изготвување план за почитување на правата на унгарското малцинство во Украина и ги почнаа преговорите со Европската Унија – рече Филипче. 

Забележа дека критериумите не важат само за Македонија, туку и за други земји, а како вели Филипче, Историската комисија не е основа за нова или каква било блокада понатаму во процесот на интеграција. Праша од што стравува власта.

-Како може да е Историската комисија предмет на блокада? Невозможно е тоа. Зошто би била? Историската комисија се охрабрува да работи и треба да одлучува со консензус. Значи, не може некој да ни наметне некое решение за ревизија на историјата, ако нашите членови во Историската комисија не се согласуваат со тоа, ако има таква тенденција, еве да кажеме. Таа комисија решава со консензус – рече Филипче.