
Македонија се соочува со сериозен проблем во однос на демографијата – смета премиерот Христијан Мицкоски. За 20-25 години, оценува, можеби 150.000-250.000 луѓе ќе ѝ недостигаат на државата, а тој празен простор ќе мора некој да го пополни. Затоа, според него, мора да размислуваме за иднината.
Треба да се прават анализи и да се размислува неколку децении однапред со цел потентните млади луѓе да останат и да придонесуваат за македонската економија. Апсолутно, ќе дојде време, можеби не сега, но за 15, 20, 25 години комплетно да се смени демографската слика во Македонија. Јас ценам дека од денешна перспектива, за 15, 20, 25 години можеби 150-250 илјади луѓе ќе ни недостигаат во Македонија. Каде е проблемот? Тоа е еден синџир. Ако Европа има проблем со демографијата, а има поголем и од нашиот, тогаш дел од нашиот потенцијал оди таму. Без разлика на понатамошниот нивен развој како личности и како луѓе итн., тие создаваат празен простор овде. За да може оваа економија да се развива, ќе мора некој да го пополни тоа и логично е од трети земји, луѓе, работници, да дојдат и да го пополнат тој празен простор што ќе го оставаат тие што ќе заминат во Западна Европа. Така што, ако во Западна Европа демографската слика се подобри и влеземе во состојба 2,1 фертилитет, тогаш потентните млади луѓе ќе останат тука и ќе ја контрибуираат македонската економија – потенцира Мицкоски во поткастот „Каде се парите“.
Тој исто така потенцира дека и покрај тоа што ова е многу важна тема за натамошниот развој на државата, кога зборува за семејство и демографија, често е исмејуван и навредуван од страна на, како што рече, одредени структури, кои се талог на општеството, но кога се води држава и се сака да се остави трага, мора да се размислува и да се анализира долгорочно.
Jас кога зборувам за семејство, кога зборувам за демографија, има одредени структури во општеството, јас ги нарекувам талог на општеството, кои ме исмејуваат, ме навредуваат, пишуваат лошо за мене итн., но тоа, едноставно, е иднината. Ако вие денеска не размислувате што ќе биде за 50, 75, 100 години, вие не треба да се занимавате со оваа работа, барајте си друга работа, работа која е ден за ден и терајте. Ако веќе ја водите државата, ја водите Владата, вие морате сите аспекти да ги анализирате неколку децении однапред ако сакате да бидете човек што ќе остави трага. Ако сакате да бидете медиокритет во политиката, а за жал, имало многу кај нас, тогаш ќе се доведеме до оваа ситуација – нагласи Мицкоски.

Македонски



