
Известувачите на Европскиот парламент за пет земји од Западен Балкан ги презентираа нацрт-резолуциите на годишните извештаи на Европската комисија за напредокот во нивниот европски пат.
Извештаите за Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Република Македонија и Црна Гора беа претставени од известувачите за време на денешната дебата на пленарната сесија на Европскиот парламент во Стразбур. Во дебатата учествуваше и комесарката за проширување на ЕУ, Марта Кос, како и други европратеници кои претставуваат различни политички групи во Европскиот парламент.
Известувачот за Република Македонија, Томас Вајц, рече дека регионот на Западен Балкан бил и продолжува да биде „поле за играње на странски сили“ и потсети на разорните етнички војни што го зафатија регионот во 1990-тите. Вајц нагласи дека постојат две земји кои избегнале масовно насилство, имено водечкиот кандидат за пристапување, Црна Гора, и другата, Македонија, која исто така би можела да биде меѓу водечките земји во процесот на пристапување.
Да, можеме да кажеме дека земјата не ги спроведе реформите што е можно побрзо, но исто така мора да признаеме дека ние во ЕУ дадовме ветувања што не ги исполнивме – истакна известувачот.
Тој нагласи дека земјите, вклучително и Македонија, имаат волја да ги спроведат потребните реформи и дека ова треба да се награди, на пример преку делумна интеграција на пазарот, делумна интеграција во однос на роамингот, преку Единствената европска платежна зона, со цел да се одржи мотивацијата.
Вајц нагласи дека пристапувањето на земјите од Западен Балкан носи безбедносна и економска вредност за Европската Унија, како и голем број други придобивки. Тој рече дека по Црна Гора и Албанија, Македонија би можела да биде следната земја што ќе се приклучи на ЕУ.

Македонски



