
Американскиот претседател Доналд Трамп денеска изјави дека Вашингтон наскоро би можел повторно да ги воведе санкциите за извозот на руска нафта, кои беа ублажени со цел да се помогне во стабилизирањето на глобалните енергетски пазари по нарушувањата предизвикани од војната во Иран.
Тоа ќе можеме да го направиме многу побрзо, бидејќи нафтата сега тече – рече Трамп на самитот на Групата седум во Франција, прашан за санкциите. „Во позиција сме да го направиме тоа наскоро“, додаде тој.
Трамп не прецизираше конкретна временска рамка, пренесе ДПА.
Глобалните цени на енергенсите нагло пораснаа откако САД и Израел почнаа напади врз Иран на 28 февруари, што доведе до затворање на сообраќајот низ Ормуската Теснина – витална рута за глобалните испораки на нафта.
Како одговор на тоа, САД ублажија дел од санкциите за руската нафта и го продолжија тоа изземање неколку пати. Привременото изземање се однесуваше само на руската нафта која веќе се наоѓаше на танкери на отворено море во моментот кога беше одобрено олеснувањето, со што се овозможи тие резерви да бидат продадени.
Критичарите тврдеа дека оваа мерка му обезбедила финансиски поттик на Кремљ, чии приходи од нафта помагаат во финансирањето на војната во Украина.
САД со години одржуваат санкции насочени кон рускиот нафтен сектор. Според тие мерки, земјите и компаниите кои соработуваат со Русија можат и самите да се соочат со санкции под одредени околности.(МИА)

Македонски



