Skip to main content

Македонија и Партениј Зографски во срцето на Истанбул – Балат е една од најстарите населби на европската страна на градот

Доколку се наоѓате во Бејоглу, централната населба во Истанбул што се протега околу плоштадот Таксим, за да стигнете до Балат треба да го преминете познатиот рибарски мост Галата и од станицата Еминону да се качите на трамвајот по линијата Т5, што се движи долж самиот брег на Златниот Рог.

По кусо возење, нанижаните шарени куќи ќе ви дадат јасен знак дека е време да слезете – најубаво рано наутро, пред да надојдат попладневните туристички групи и додека квартот сѐ уште дише во својот природен, утрински ритам.

Уличка во Балат

Балат е една од најстарите населби на европската страна на Истанбул. Историски, ова место отсекогаш било жива раскрсница на култури и религии ‒ со векови тука едни до други живееле еврејската, грчката, ерменската и муслиманската заедница. Денес, пак, стариот кварт е препознатлив по своите тесни калдрмени улички, уникатните кафулиња, винтиџ-продавниците и гостопримливите локални жители.

Улиците, ридовите и слоевите на Балат

Како дел од некогашниот Константинопол, Балат се искачува по неколку стрмни ридови испреплетени со мрежа од сокаци. Во нив се нижат мали ресторани со традиционална кујна, работилници за стари занаети и ракотворби, а на секој чекор, по праговите и ѕидовите, дремливо се протегаат мачките ‒ вистинскиот заштитен знак на Истанбул.

Балат, Истанбул

На ридот над населбата, во соседниот и нераскинливо поврзан кварт Фенер (Фанар), каде што се наоѓа и седиштето на Вселенската патријаршија, се издига грчкиот православен колеџ „Фанар“. Сместен во импозантна зграда од црвени тули, меѓу локалните жители е познат како „Црвениот замок“. Изграден кон крајот на 19 век, колеџот со децении бил главен столб на грчкото православно образование. Денес сѐ уште работи како училиште, иако со многу помал број ученици отколку во неговата златна доба.

Контрастот меѓу оваа монументална градба и дотраените, полуразурнатите куќи околу неа е остар и зборува за сложените општествени и историски слоеви на просторот, додека оградите со бодликава жица околу комплексот потсетуваат на современите чувствителности и тензии.

 Грчкиот православен колеџ во Фанар, Истанбул

Иако денес Балат е една од најфотографираните точки во Истанбул, неговата историја воопшто не била лесна. Од византиско време, преку османлискиот период, па сѐ до модерна Турција, ова била сиромашна, работничка и мултиетничка населба, многупати подигнувана од пепел.

Традиционалните отомански куќи од дрво, со карактеристичните испакнати катови (еркери) над тесните улички, низ вековите биле постојано изложени на разорни пожари и земјотреси.

Познатото винтиџ кафуле Нафталин во Балат

Кон крајот на 1990-тите и во текот на 2000-тите години, со меѓународни и општински програми за урбана рехабилитација на Фенер и Балат, започнало обновувањето на дел од историските фасади. Подоцна, кога алтернативните патници во потрага по автентичност надвор од масовните туристички рути почнале да го откриваат квартот, и самите жители и сопственици на дуќани ја препознале новата енергија. Со живи бои почнале да ѝ даваат свеж карактер на населбата ‒ овде е обоено буквално сѐ, од скали и огради до цели фасади – а никнувањето на необичните винтиџ-кафулиња го претвори Балат во вистински магнет за посетители.

Сепак, зад инстаграм-естетиката денес се чувствува и цената на новостекнатата популарност: сѐ повисоките кирии и туристичкиот притисок полека ги потиснуваат старите занаетчии и семејства, оставајќи го прашањето колку од стариот дух ќе опстане таму кога ќе зајде сонцето и ќе се исклучат камерите.

Графити во Балат

Балат и Македонија

Нашиот доброупатен домаќин ни откри и неколку фасцинантни приказни што го поврзуваат овој истанбулски кварт директно со Македонија. Во 19 век Балат бил дом на бројни македонски копаничари и мајстори-резбари, кои тука живееле и работеле на украсувањето на околните православни цркви.

Патријаршиската црква „Свети Ѓорѓи“ во Фанар

Трагите продолжуваат и во еврејското наследство на населбата. Некогаш Балат бил голем еврејски центар со дури 18 синагоги, а дел од нив ги носеле имињата на градовите од каде што потекнувале доселените заедници. Две од нив носат имиња на македонски градови. Едната е синагогата Касторија (турски: Kasturya Sinagogu), именувана по Костур, сместена во областа Ајвансарај ‒ некогашен жив храм од кој по уривањето во првата половина на 20 век денес се сочувани само портата и остатоци од ѕидините.

Другата е синагогата Ахрида (по Охрид), основана околу 1430 година од романиотските Евреи што пристигнале од Охрид. Таа важи за најстарата зачувана синагога во денешен Истанбул, сѐ уште е активна, а меѓу другото е позната и по својата впечатлива дрвена говорница (тева) во облик на бродски труп ‒ симбол што традицијата го поврзува со Ноевата арка или со бродовите што ги донеле доселениците кон османлиските брегови.

Балат, Истанбул

Но за нас највозбудлива е приказната за Железната црква ‒ храмот „Свети Стефан“, сместен веднаш покрај брегот на Златниот Рог. Оваа единствена монтажна црква од леано железо, подигната кон крајот на 19 век по проект на ерменскиот архитект Ховсеп Азнавур и изработена во виенската леарница R. Ph. Waagner (наследник на претпријатието на Рудолф Филип Вагнер), денес е под јурисдикција на Бугарската православна црква.

Токму во нејзиниот двор почива еден од најзначајните дејци на македонската преродба ‒ првиот македонски учебникар, филолог, фолклорист и преведувач, Партениј Зографски, родум од Галичник.

Железната црква

Поради неговите ставови и заложби за македонскиот јазик во учебниците и во црковно-просветниот живот во Цариград, неговиот гроб останал необележан. Во дворот на црквата денес стојат три камени надгробни плочи со имињата на тројца архиереи: митрополитот Иларион Макариополски, митрополитот Пајсиј Пловдивски и митрополитот Авксентиј Велешки. Никаде, пак, нема натпис ниту спомен за четвртиот ‒ некогашниот епископ Поленински (дојранско-кукушки) и митрополит Нишавски, Партениј Зографски, кој се упокоил во Цариград во 1876 година.

Нашиот домаќин, повикувајќи се на истражувањата на галичанецот Филип Томов и на локалните сведоштва, ни ја раскажа скриената историја на ова место. Кога била подигната новата Железна црква „Свети Стефан“, била урната старата мала дрвена црквичка во чиј двор претходно биле погребувани владиците, меѓу кои и Партениј. По осветувањето на новиот храм, на местото на некогашните гробови биле изградени три нови гробници за четворица архиереи ‒ при што моштите на митрополитот Партениј Зографски, собрани во платнена вреќичка, биле положени заедно со оние на Иларион Макариополски, во првиот гроб десно од влезот.

Необележаниот гроб на Партениј Зографски (десно)

Ако денес ги прашате официјалните лица во црквата за Партениј, најчесто ќе добиете краток, ладен одговор: „Нема таков!“ ‒ без никаква волја за натамошен разговор. Но историјата знае да си најде свои тивки чувари: секој 7 февруари, на денот на неговото упокојување, некој непознат истанбулчанец доаѓа во дворот на Железната црква и на необележаниот гроб остава свежо цвеќе и запалено кандило.

Влезот во квартот Балат

На крајот, заминувајќи од Балат, единствено жалиме што немавме повеќе време да се задржиме меѓу неговите сокаци, да седнеме на чај со некој од старите жители и да ја чуеме нивната страна на приказната. Би сакале да го видиме квартот и низ нивните нетуристички очи, да слушнеме со какви секојдневни предизвици се соочуваат, и што од населбата е вистински убавото за тие што живеат тука.

Но, не теши помислата дека штом имаме вакво чувство на жалење, всушност треба да сме среќни, оти тоа е знак дека ќе сториме напор некогаш, се надеваме наскоро, повторно да се вратиме овде.

Јулијана Величковска, Јован Димоски / МИА

Фото: МИА

Поврзани вести