
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова,во Народната канцеларија во Скопје, се сретна со претставници на граѓанското здружение САНО, кое ги обединува родителите и децата што го победиле или сè уште се борат со канцерот.
Како што информираа од Кабинетот на претседателката, на средбата, претставниците на САНО ја информирале за минатата и за тековната работа на здружението, како и за проблемите и предизвиците со кои се соочени.

Мајките на излекуваните деца се навратиле на тешко извојуваната победа на болеста, но и на отсуството на поголемо разбирање и поддршка.
Според нив, справувањето со тешката болест во голема мера ќе биде полесно доколку постои финансиска поддршка од државата во форма на паричен надомест за време на болничкото лекување, како и во првите пет години по лекувањето поради големиот ризик од враќање на болеста во овој период.

Децата ја запознале претседателката со своите образовни и културни активности, како и со намерите и очекувањата.
Претседателката изрази восхит за нивната херојска борба и победа над опаката болест, поттик за остварување на младешките соништа и длабоко разбирање за нивните рационални барања. Таа укажа на можноста САНО да го користи просторот на Народната канцеларија за запознавање на јавноста и кревање на свеста за нивните енормни проблеми – се вели во соопштението.

Македонски



