
Повеќе од 300 мигранти, кои минатото лето се упатиле кон Велика Британија, биле киднапирани, мачени и им се заканувале со присилно земање органи – дознава Би-би-си.
Минатото лето групи мигранти од ирачки Курдистан летале за Либија, каде што биле однесени во комплекс, а подоцна затворени по наводен спор во врска со плаќањето помеѓу либанската милиција и ирачкиот шверцер Ноа Арон.
Според информациите, милицијата барала 5.000 долари за секој заложник, а семејствата биле предупредени дека „исплатата ќе се изврши со бубрег“ ако парите не бидат платени за кратко време.
Во јануари 110 заложници биле вратени дома со авион организиран од ирачката влада и не е познато колкумина сè уште се во притвор.
Поранешни затвореници рекле дека биле држени „во тесни простории, со речиси 180 лица со кои ја делеле ќелијата“, а се знае дека најмалку еден заложник починал.
Таткото на еден од заложниците изјави за Би-би-си дека групата на Арон му наплатила на неговото семејство илјадници долари за да организира патување во Велика Британија, кое вклучувало патување низ Северна Африка и преку Медитеранот до Европа.
Тој исто така покажа фотографија од својот син, на која се гледа лузна за која се стравува дека е од присилно отстранување органи.
Поранешните затвореници исто така споделија вознемирувачки и насилни видеа, од кои едно прикажува млад човек кому му е кажано дека го носат на лекар за да му го отстранат бубрегот.
„Не видовме сонце шест месеци. Беше толку тесно што сите мораа да спијат седејќи. Сите затвореници делеа еден тоалет, а кој ќе останеше предолго, ќе беше претепан“, рече 16-годишно момче.
На заложниците им се даваше парче леб дневно само ако нивните семејства им исплатеа на киднаперите дополнителни суми пари, објави Би-би-си.
Висок функционер на Министерството за внатрешни работи на регионалната влада на Курдистан, Хемин Мерани, рече дека и покрај ризиците, протокот на нелегални мигранти од ирачки Курдистан кон Европа не запре повикувајќи ги заложниците да ги споделат своите искуства со своите роднини за да ги одвратат од истото патување.
Ноа Арон моментно издржува 10-годишна затворска казна во Франција за други кривични дела поврзани со перење пари и шверц.
Деталите за овие киднапирања се појавија за време на истрагата на Би-би-си за Кард Џафа за кој се верува дека работел со Арон во минатото.
Џафа и Арон се од истиот град Ранџа, во Курдистан, регион познат по „преполните активни мрежи за шверц“, се наведува во извештајот на Чатам Хаус.(Би-би-си.)

Македонски



