
Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис денеска ја поздрави одлуката на Европската комисија за отстранување на Грција од нејзиниот список на земји од ЕУ со макроекономски нерамнотежи.
Овој потег „затвора едно негативно поглавје кое почна пред 16 години“, напиша Мицотакис на Фејсбук, пренесе ДПА.
Одлуката е резултат на напорната работа на граѓаните и на државата, нагласи тој, додавајќи дека тоа не е само технократска проценка, туку „темел за подобар живот“.
Остварените буџетски суфицити сега би можеле да бидат насочени кон повисоки плати и пензии, додаде Мицотакис кој е премиер од 2019 година.
Со оваа одлука се става крај на уште една форма на економски надзор на ЕУ врз Грција.
Според проценката на Комисијата, ризиците поврзани со јавниот и надворешниот долг се значително намалени. Понатаму, Брисел укажува на солиден економски раст, напредок во реформите и стабилизација на банкарскиот сектор, соопшти грчкото Министерство за финансии.
Грција прими неколку меѓународни пакети за спас меѓу 2010 и 2018 година, додека се бореше со долготрајната криза со државниот долг.
За време на кризата, особено во 2015 година, земјата во одредени моменти беше на работ да ја напушти еврозоната.(МИА)

Македонски


