
Поранешниот директор на Царинската управа, Стефан Богоев заврши со лисици на рацете, бидејќи се гони дека наместил тендер вреден над 300 илјади евра и дека за тоа примил награда од околу 1800 евра. Освен Богоев оомничени се уште 3 лица дека ја изиграле постапката и ја фаворизирале фирмата РЕМОНДИС МЕДИСОН од Битола која го добила договорот за надворешно одржување на хигиена на гранични премини и терминали.
Според обезбедените докази, првоосомничениот, користејќи ја својата службена положба и влијание како директор на Царинската управа, влијаел врз спроведувањето на тендерската постапка во корист на избраниот понудувач, додека второосомничениот, во својство на помошник директор, влијаел врз други економски оператори да не учествуваат во завршната фаза од постапката. Во рамките на истрагата се обезбедени докази и за примање и давање награда за противзаконито влијание, при што првоосомничениот примил награда во износ од 111.600 денари за искористување на својата службена положба и реално влијание, велат од Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција.
Помошник директор тогаш бил Семир Мура, кој сега е советник во Царинската управа и е потпишан на договорот со РЕМОНДИС МЕДИСОН која го добила тендерот во мај 2024 година. Управител на битолската фирма бил Димитар Георгиевски. Додека осомничениот вработен е Александар Спирковски познат како Џемо. Токму Спирковски, според Финансиската полиција која ја поднесе кривичната пријава заедно со управителот Георгиевски влијаеле кај Мура и му ветиле на него и на Богоев подарок.
Пријавениот С.Б., во периодот од мај 2024 година до февруари 2025 година, директно и индиректно побарал и примил подарок и друга корист за себе дел непосредно, а дел посредно преку пријавениот С.М., соопштија од Финансиската полиција.
Согласно договорот објавен на електорнскиот систем за јавни набавки метење и собирање отпад од асфалтни и бетонски површиини на еден од граничните премини месечно чинело 1157 евра. Собирање на отпад од зелени површини чинело чинело 289 евра. Одржување на санитарни јазли 358 евра, а одржување на тревни површини и патеки е 430 евра.
Осомничените се гонат за повеќе кривични дела- Злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство, Примање награда за противзаконито влијание и Давање награда за противзаконито влијание.
Телма објави и снимка од Богоев со лисици на рацете.

Македонски


