Skip to main content

„Плати и жени“ на Атанас Георгиев и „Збогум на 20. век“ на Дарко Митревски и Александар Поповски денеска во Кинотека

ПЛАТИ И ЖЕНИ

Cash & Marry

Атанас Георгиев / Македонија, Хрватска, Австрија / 2009 / 76 мин

Двајцата другари Марко и Атанас одат во Виена да студираат. Додека престојуваат таму, добиваат идеја да се оженат за да добијат пасош. Така почнува нивната потрага по жена. Почнуваат и проблемите со нивните блиски, кои се против женење за документи за престој.
Како да им објаснат на девојките и на родителите дека бракот е само на хартија? Се обидуваат на најразлични начини да дојдат до невеста: преку оглас, пријатели, случајни минувачи и сл. Добиваат совети од поискусни – да запознаат девојка во некоја дискотека, да почнат да се дружат со неа, па потоа да ѝ побараат „услуга“, да се омажи за некој од нив.
Тие се спремни да ја платат невестата пет илјади евра. Цената е повисока, се движи од седум до дванаесет илјади евра. Потрагата по жена не оди баш лесно. Наидуваат на разни пречки, најчесто бирократски, но упорни се. На крај успеваат да најдат невеста. Филмот е исполнет со хумор и апсурдни ситуации.

Проекции

Сабота, 30 мај18:00

ЗБОГУМ НА 20-ТИОТ ВЕК

Goodbye, 20th Century

Дарко Митревски, Александар Поповски / Македонија / 1998 / 87 мин

Филмот „Збогум на 20-тиот век“ е жанровски комбиниран филм. Со своите футуристички, постмодернистички и ирониско-пародиски жанровски обележја, филмот претставува полижанровски конципирано остварување, со крајна цел да промовира нов и релативно поинаков пристап од оние во македонскиот филм претходно.
Филмот е константно проткаен со разни библиско-митолошки теми и мотиви, како и мотиви од народното творештво, како и со разни цитати и парафрази од целокупната светска филмска историја, полесно или потешко препознатливи во ткивото на филмот. Самите автори тврдат дека се работи за оформување, раѓање на еден релативно специфичен и нов жанр, што тие го нарекуваат ethno-groovy.
Структурно и временски, филмот е поделен на три дела, рамковно врзани во една поголема, релативно релаксирана целина.
Првиот дел е лоциран во една релативно блиска, претпоставена иднина. Футуристичкиот карактер жанровски доминира во овој дел од филмот. Основната приказна е базирана врз повеќе митолошко-библиски теми и мотиви, пред сè преземени од македонското орално народно творештво: најсилно препознатлива во фабулата е легендата/митот за Болен Дојчин. Главен лик е Кузман, Човекот-кој-не-може-да-умре. Тој врз себе го носи проклетството да не може да умре. Барајќи начин да умре, Кузман дознава од Берберот-Пророк дека на еден ѕид во Градот, чуван од Човекот-со-зелена-коса-кој-свири-на-пушка, се испишани сите човечки судбини и дека таму е напишана и неговата. Кузман тргнува во потрага и, по борбата со Човекот-со-зелена-коса, ја открива својата судбина и дознава дека, за да се ослободи од проклетството, треба да води љубов со сопствената сестра. Тој го прави тоа и така успева да умре.
Вториот дел, значајно пократок од другите два, е лоциран некаде на почетокот на 20-от век. Доминира формата на квази-документарниот запис. Поточно, карактерот на овој дел е извонредна мистификација на документаристичкиот жанр. Овој запис зборува, наводно, за првиот инцест и казната за него – регистриран на филмска лента на Балканот. Тука, како лик повторно се јавува Берберот-Пророк – тој е снимателот на настанот, и преку него се врзуваат двете приказни. Настанот е кус и се работи за венчавка помеѓу брат и сестра и егзекуцијата (како казна за инцестот) на зетот/братот веднаш по венчавката.
Третиот дел е лоциран на самиот крај на 20-от век, поточно на денот на Нова година 2000-та. Како доминанта се јавуваат ирониско-пародиско-цитатните жанровски карактеристики на изразот и формата. Главен лик е Дедо Мраз, инаку потстанар во една соба во градот, кој, разочаран и изиритиран од декаденцијата и расипаноста на луѓето, особено од работите што му се случуваат токму на денот на преминот од еден милениум во друг, решава да го уништи светот точно на полноќ, на самиот премин во новиот милениум.
Како лик, на почетокот од овој дел, се јавува и Кузман, главниот лик од првиот дел – како мало дете. Таа линија во филмот, заедно со Дедо Мраз, кој на крајот од филмот ги испишува судбините на идните луѓе на еден од ѕидовите во градот (оној истиот ѕид кој во првиот дел беше цел на Кузмановата потрага), се основните нишки што ја поврзуваат оваа приказна со другите две. На тој начин се затвора кругот во рамковната приказна на филмот и истиот со тоа завршува.

Проекции

Сабота, 30 мај20:00

Поврзани вести