Skip to main content

Хезболах ги нападна израелските сили во јужен Либан

По новиот бран израелски напади врз јужен Либан и наредбата за евакуација од околу 300 градови и села јужно од реката Захрани, Хезболах истрела ракети кон израелски армиски возила паркирани во близина на градското собрание во ал Кусаир, во округот Марџајун.

Како што јави Либанската државна новинска агенција (ННА), Хезболах ја ракетирал и зградата во која се наоѓа „тајната команда на оклопни возила“, што се наоѓа „во близина на резервоар“ во Завтар ал Шаркија.

Хезболах со дрон „Абабил“ погодил и тенк „Меркава“, распореден во близина на центарот на ал Кусаир.

Израелската армија синоќа целата територија во Либан јужно од реката Захрани ја прогласи за воена зона, откако претходно ги повика Либанците да се евакуираат од Тир, бегалските кампови и околните градови во јужен Либан.

Во синоќешниот израелски напад загинаа шест лица, меѓу кои и деца. Жртвите се членови на едно семејство, кое се обидувало да се евакуира поради израелските напади. Нападот се случи на автопатот што ги поврзува градовите Сидон и Тир.(МИА)

Поврзани вести