
Државните студентски домови „Стив Наумов“ и „Кузман Јосифовски – Питу“ во Скопје се првите два кои сегашната Влада целосно ќе ги реновира и пушти во употреба на стартот на новата академска година. Работите се одвиваат паралелно и ќе завршат во јули, но потоа ќе следи опремување на собите и сите други простории. За ова информираше министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска при денешната посета на студентскиот дом во Автокоманда каде направи кратка обиколка и увид во активностите.
Условите ќе бидат модерни, по високи европски стандарди за сместување, но и за енергетска ефикасност. Сигурна сум дека студентите ќе уживаат во престојот. Нема да има бркање глодари и инсекти, нема да има промаја, лепени прозорци и неисправни тоалети и бојлери. Дополнително за сето тоа да се одржува и трае, го менуваме и моделот на финансирање. Се разбира, чувањето на објектите и одржувањето на опремата зависи и од самите студенти“, рече Јаневска.

Додаде дека се обезбедени и средства за отпочнување на реконструктивни активности во другите 7 државни студентски домови, за што се заблагодари на Европската унија, Германската развојна банка и Фондот за инвестиции на Западен Балкан. Речен дека станува збор за вкупен буџет од околу 50 милиони евра, од кои, над 10 милиони се неповратни грантови.

Продолжуваме да го подобруваме студентскиот стандард, условите за едукација, сместување и престој, како и да обезбедуваме финансиски олеснителни права и средства за поддршка, бидејќи младите се најважните граѓани на Македонија и без нив не можеме да очекуваме перспективна иднина. Целта е да ги задржиме тука и да бидат задоволни од грижата од државата“, нагласи министерката.
Посочи дека во период од две години проширен е опфатот на субвенционираниот студентски оброк, доделени се ваучери за ИТ уреди, обезбеден е континуитет на бесплатниот градски превоз во Скопје, дигитализирани се сите постапки за аплицирање за студентските права и сосема е јасно дека Владата нема намера да го крати фондот на стипендии, како што тоа опозицијата се обидуваше да го претстави.

„Повторно ќе имаме 3000 стипендии во новата академска година, а дури ќе понудиме и нова категорија – за прв пат за студенти со попреченост и ретки болести, со што ќе одговориме на барањата на нивните здруженија и политиките на стипендирање ќе стануат поинклузивни и во согласност со барањата на ЕУ“, истакна Јаневска.

За реконструкција и изградба на студентските домови ќе бидат потрошени околу 50 милиони евра, од кои 10 милиони евра се грант. Парите се обезбедени со заем од Германската развојна банка, а грантот е преку Програмата за регионална енергетска ефикасност за Западен Балкан на Европската Унија. Во план е темелно реновирање на деветте државни студентски домови во Скопје, Прилеп, Битола, Штип и во Охрид. Реконструкцијата ќе се одвива во фази. Во првата фаза се реновираат домовите „Стив Наумов“ и „Кузман Јосифовски-Питу“ во Скопје за што е склучен договор со компанијата „Страбаг АГ“, која ги изведува градежните активности.

Македонски


