
Унгарскиот премиер Петер Маѓар донесе одлука со која се забранува увозот на земјоделски производи од Украина, се наведува во негова објава на социјалната мрежа Икс.
Локалниот медиум „Хангари тудеј“ забележува дека во Унгарија веќе подолго време се водат жестоки дебати околу аграрната политика на Будимпешта во однос на украинскиот увоз.
Министерот за земјоделство и храна, Соболч Бона, на социјалните мрежи појасни дека претходната власт го оставила ова прашање во состојба на правна неодреденост. Според него, ограничувањата донесени од владата на Фидес биле поврзани со вонредната состојба, па по нејзиното истекување, претходните владејачки структури направиле пропуст во планирањето и не ги продолжиле мерките со закон.
Бона најави дека кабинетот итно ќе подготви нов предлог-закон со кој ќе се гарантира правната сигурност и заштитата на унгарските производители. Ограничувањата ќе опфатат месни производи (говедско, свинско, јагнешко, овче и живинско месо), како и замрзнат зеленчук и житни култури.
Премиерот Маѓар на 14 мај прогласи крај на вонредната состојба што првично беше воведена во 2020 година од поранешниот премиер Виктор Орбан поради пандемијата од Ковид-19, а во 2022 година беше продолжена поради руската инвазија врз Украина. Будимпешта првпат воведе забрана за украински земјоделски производи во април 2023 година.
По почетокот на војната во Украина, ЕУ повика на формирање „коридори на солидарност“ за да се заобиколи руската блокада на црноморските пристаништа, преку кои претходно се извезуваше украинското жито. Сепак, неколку соседни земји побараа од Европската комисија рестриктивни мерки, со образложение дека огромните количини храна од Украина ги уриваат цените на пазарот и им нанесуваат сериозни загуби на локалните фармери. (МИА)

Македонски



