Skip to main content

Македонската кинематографија со бројни активности во Кан

Агенција за филм

Агенцијата за филм и оваа година активно учествуваше на филмскиот фестивал во Кан, каде македонската кинематографија беше претставена преку бројни професионални, промотивни и меѓународни активности. На Канскиот фестивал присуствуваа претставници на Агенцијата за филм задолжени за меѓународна соработка и промоција на македонската кинематографија, меѓу кои и директорот Сашко Мицевски, кој учествуваше како панелист на настан организиран од Centre national du cinéma et de l’image animée, посветен на копродукциската соработка со Франција.

На панелот се дискутираше за значењето на поддршката што Агенцијата ја обезбедува за фестивалите MakeDox и ИФФК Браќа Манаки, особено во делот на вмрежување и поврзување на француски и македонски продуценти.

фото: Агенција за филм

Во рамки на фестивалската програма, македонски филмски проект на Марко Ѓоковиќ беше селектиран на работилница за композитори, што претставува значајна можност за меѓународно вмрежување и понатамошен развој на проектот. Исто така, Агенцијата за филм закупи и маркет-проекција за долгометражниот игран филм „Аномалија“, во режија на Ѓоковиќ, која се одржи на 16 мај во рамки на филмскиот маркет.

Дополнително, македонската продуцентка Ивана Шекуткоска е избрана меѓу 20-те најперспективни европски продуценти за 27-то издание на престижната програма Producers on the Move. Оваа иницијатива на European Film Promotion, каде членува и Агенцијата за филм, се реализира во рамките на Канскиот филмски фестивал со цел поврзување на најуспешните европски продуценти и поттикнување нови меѓународни соработки.

фото: Агенција за филм

Во рамки на фестивалот, Агенцијата за филм реализираше низа активности насочени кон афирмација на македонскиот филм и јакнење на меѓународната соработка. Македонскиот штанд во SEE Pavilion беше местото каде што се презентираа најновите случувања во македонската кинематографија, актуелни филмски проекти и можностите што земјата ги нуди како атрактивна дестинација за снимање филмови и меѓународни продукции.

Сите професионалци и претставници на филмската индустрија кои го посетија павилјонот на земјите од Југоисточна Европа (SEE Pavilion), а беа заинтересирани за идни соработки и иницијативи, имаа можност да остварат состаноци со македонската делегација, за што беше подготвен и обемен промотивен материјал.

Воедно, претставниците на Агенцијата за филм учествуваа и на Генералното собрание на Европската асоцијација на директори на филмски фондови и агенции (European Film Agency Directors Association), што претставува важна можност за институционално вмрежување и продлабочување на меѓународната соработка.

Агенцијата за филм продолжува активно да работи на меѓународна афирмација на македонската кинематографија и отворање нови можности за соработка со европски и светски филмски професионалци на еден од најзначајните филмски фестивали во светот.

Поврзани вести