
Со повеќе настани во Скопје, денеска ќе биде одбележан Меѓународниот ден на музеите, меѓу кои изложбата „Вода: Од исконски верувања до современ пулс“, инклузивната модна ревија „Модата во минатото“, како и изложба на детски ликовни творби во Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија.
Во Музејот на Македонија ќе биде отворена изложбата „Вода: Од исконски верувања до современ пулс“, чиј автор е Јован Шурбаноски, а коавтор Александра Папазовска. Изложб денеата ќе ја отвори директорот на установата Александар Ристевски.
Поставката, како што информираат организаторите, преку археологијата, етнологијата и уметноста го истражува значењето на водата – од биолошка неопходност до духовен и културен симбол, прикажувајќи го нејзиното влијание врз развојот на заедниците, занаетите, спортот и политичките процеси.
Во Археолошкиот музеј, пак, ќе се одржи инклузивната модна ревија „Модата во минатото“, на која посетителите ќе можат да уживаат во модни креации инспирирани од историското наследство. Во рамки на настанот ќе биде достапна и постојаната поставка од Нумизматичката збирка, со околу 2.500 монети што го опфаќаат периодот од VI век пр.н.е. до XX век.
Во пресрет на Меѓународниот ден, Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија организира изложба на детски цртежи во соработка со невладината организација „Хавер Србија“, под мотото „Музеите што го обединуваат поделениот свет“.
На изложбата, поставена на вториот кат во изложбениот дел на Центарот, се претставени 78 ликовни творби од кои 65 од Македонија и 13 од Србија, создадени во рамки на проектите „Холокаустот низ призмата на детските очи“ и „Холокауст – култура на сеќавање“.
Како што наведуваат организаторите, преку детските творби се испраќа порака за мир, заедништво, инклузија и дијалог, при што визуелниот концепт ја нагласува идејата за „мостови“ што ги поврзуваат различните култури и заедници. Изложбата ќе биде отворена до крајот на јуни, а влезот е слободен.
Меѓународниот ден на музеите, кој се одбележува повеќе од 45 години на 18 мај, оваа година е посветен на улогата на музеите како мостови што придонесуваат за надминување на културните, социјалните и геополитичките поделби.

Македонски

