Skip to main content
th12cyV9RVs

Милошоски: Дали постапката за „Мазут“ е стопирана поради политички влијанија?

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ и член на Извршниот комитет, Антонио Милошоски, изнесе серија обвинувања во врска со запирањето на постапката за случајот „Мазут“, вреден 167 милиони евра, поставувајќи прашања за можни политички влијанија врз обвинителството.

Милошоски посочи на, како што рече, блискост на обвинителката Катерина Коларевиќ со политичките партии СДСМ и ДУИ, наведувајќи дека нејзините родители во минатото биле избрани на високи функции од влади предводени од овие партии.

Тој праша дали токму ваквите врски влијаеле врз нејзиното постапување во случајот, во кој, според него, постојат сериозни сомнежи за економски криминал поврзан со набавката на мазут за ТЕЦ Неготино.

Според Милошоски, во вакви случаи штетата треба да се утврдува преку економско вештачење, а не врз основа на изјави од лица кои, како што тврди, не се компетентни или одговорни. Тој додаде дека ваквото постапување создава нееднаква позиција за осомничените и го поткопува владеењето на правото.

Во обраќањето беше посочено и дека, според соопштение од ЕСМ, лицата кои биле испитувани во постапката не биле релевантни за утврдување на евентуална штета или економски криминал.

Милошоски го доведе во прашање и начинот на кој е донесена одлуката за прекин на истрагата, оценувајќи дека таа не е поткрепена со правни аргументи.

Тој апелираше до Советот на јавни обвинители да го испита работењето на обвинителите Ислам Абази и Катерина Коларевиќ, нагласувајќи дека јавноста има право да биде информирана за сите околности поврзани со случајот.

Поврзани вести