Skip to main content

„Глумците Пеат“ на 8 април во МНТ: Шоу каде музиката и театарот се спојуваат во совршена приказна

На 8 април, со почеток во 20:30 часот, на сцената на Македонскиот народен театар, ќе се спојат музиката и театарот, во уникатното шоу Глумците Пеат. Организаторите најавуваат вечер исполнета со хумор, енергија и незаборавни изведби, а публиката ќе има можност да ужива во музички точки кои носат дух на едно гламурозно време.

На Глумците Пеат ќе настапат триесетина врвни актери од сите генерации, придружувани од биг-бенд составен од извонредни музичари. Режијата е на Дејан Пројковски, музичките аранжмани на Бобан Мирковски, кореографијата на Олга Панго, а под диригентската палка на маестро Љупчо Мирковски.

–        Годинава сме инспирирани од филмската уметност и ќе ја исполниме сцената со ритам, страст и хумор, но детали ќе откриеме наскоро. Глумците Пеат е единствена независна продукција од ваков обем, каде сè почнува од празен лист хартија и сé се создава од нула. Се осмислува тема, се пишува сценарио, се подготвуваат аранжмани, и внимателно се избираат актерите и соработниците. Ова е продукција што бара темелна и прецизна подготовка, изјави организаторот.

Творец на шоуто Глумците Пеат е починатиот актер Марин Бабиќ, кој заедно со своите колеги во 1992 година сакал да покаже дека глумците, покрај тоа што глумат, знаат и одлично да пеат. Ова шоу се прави во чест на Светскиот ден на театарот, празник кој ги слави креативноста, слободниот дух и заедништвото помеѓу глумците.

Картите за овој единствен настан можат да се набават на билетарницата на МНТ и онлајн преку официјалната веб-страница на театарот. Местата се ограничени, па организаторите препорачуваат публиката да ги обезбеди своите карти навреме.

Поврзани вести