
Од анализирани 1.320 возачи на електрични тротинети, само 7 проценти ги запазиле сите безбедносни норми, а останатите 93 отстоо постапувале спротивно на законските обврски. Често се забележуваат деца од 10 до 12 години кои управуваат електрични тротинети, а тоа не смеат да го прават бидејќи законскиот минимум за возраст е 14 години, констатираа експерти по сообраќај на денешната јавна дебата што се одржи на Техничкиот факултет во Битола.
Според професорот од Сообраќајниот отсек на Техничкиот факултет во Битола, д-р Зоран Јошевски, потребни се законски измени и едукација на децата и родителите за правилно и безбедно возење елетричен тротинет.

Во Република Македонија скоро секој град се соочува со проблеми во сообраќајната инфраструктура и недоволна покриеност на уличната мрежа со велосипедски патеки по кои што ќе може да се движат и возачите на електрични тротинети. Во отсуство на вакви патеки, возачите на тротинети може да се движат по пешачки патеки и тротоари за пешаци но со ограничена брзина од 6 километри на час, а тие пак се почесто се движат и на коловоз заедно со останатиот моторен сообраќај, и тоа е голема опасност. Нивното на едукација е многу ниско и тоа важи за децата што управуваат тротинети, но и за нивните родители. Често се забележуваат деца од 10 до 12 години кои управуваат електрични тротинети, а тоа не смеат да го прават бидејќи законскиот минимум за возраст е 14 години. Мал дел од возачите на електрични тротинети носат заштитен шлем или според нашите истражувања над 20 проценти носеле шлем, потоа помалку од 40 проценти од возачите на тротинет во ноќни услови се осветлени со банална причина заштеда на батерија за возење и исто така скоро никој од возачите на тротинет не носи рефлектирачки елек, истакна Јошевски.
Во изјава за медиумите, професорот Јошевски нагласи дека потребни се законски измени и дополнувања кои ќе придонесат за поголема безбедност во сообраќајот.

Сакам да апелирам до родителите да не ги перцепираат тротинетите како играчка за своите деца, бидејќи тие се возила што учествуваат во сообраќајот со сите ризици во сообраќајот. Локалните самоуправи да работаат на подобрување на инфраструктурата, потребни се нови форми на урбана мобилност, едукација на корисниците на тротинети и допрецизирање на законската регулатива. Во нашата држава парадокс е фактот дека електричните тротинети може да се движат со брзина не поголема од 25 километри на час, а ние како држава дозволуваме увоз на електрични тротинети кои може да развијат и до 100 километри на час и тоа е недозволиво бидејќи тие тротинети ги забележуваме во сообраќајот. Потребно е рече Јошевски, да се подигне возрасната граница за тоа кој се може да користи тротинет и со каква моќност.
На јавната дебата во Битола, од Републичкиот Совет за безбедност на сообраќајот на патиштата соопштија дека во 2025 година вкупниот број на сообраќајни незгоди на територијата на Република Македонија каде учесници се тротинети има 147, во една сообраќајна незгода едно лице возач на тротинет го загубил животот, 32 учесниците се со тешки телесни повреди, 112 со лесни телесни повреди и 2 сообраќајни незгоди се со предизвикана материјална штета. Во првото тромесечие од 2026 година се случиле 12 сообраќајни незгоди со учесниците на електрични тротинети.
Извор: МИА

Македонски



