Skip to main content

Советничка на ЗНАМ го напушти мнозинството во Советот на општина Прилеп

Советничка на ЗНАМ во Советот на општина Прилеп – Мирјана Стеваноска ја информираше јавноста дека го напушта владејачкото мнозинство предводено од ВМРО-ДПМНЕ и дека од денеска ќе дејствува како независна советничка.

Таа својата одлука ја објави од советничката говорница. Наведе дека во Советот сè помалку гледа суштинска дебата, а сè повеќе формално потврдување на политички интереси.

Таа рече дека одлуката ја донела самостојно и без влијание од други политички центри, со образложение дека советникот не треба да биде „декор во политички театар“, туку активен и принципиелен глас на граѓаните.

Според неа, личните и теснопартиските интереси сè почесто се ставаат пред интересите на Прилеп и прилепчани, поради што таа не сака да биде дел од таков начин на функционирање.

Најави дека нема да поднесе оставка од советничката функција.

Советот на Општина Прилеп има 27 членови.

Коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ има 17 советници, ЗНАМ имаше еден советник, коалицијата предводена од СДСМ има шест, а Левица три советници.

Поврзани вести