Skip to main content

Музичка драма што остава без здив – „Риголето“ од Џузепе Верди во рамките на 54. издание на „Мајски оперски вечери“

На 13 мај со почеток во 20.00 часот, на сцената на Националната опера и балет ќе биде изведена една од најзначајните музички драми во оперската литература – „Риголето“ од Џузепе Верди, во рамките на 54. издание на меѓународниот фестивал „Мајски оперски вечери“.

Диригент е Џанлука Мартиненги (Италија), режијата е на Пјер Франческо Маестрини (Италија), сценографијата ја потпишува Гилермо Нова (Шпанија), костимограф е Кристина Ачети (Италија), а кореограф Саша Евтимова, хор-мајстори се Јасмина Ѓорѓеска и Ѓурѓица Дашиќ, додека концерт-мајстор е Јане Бакевски.

Насловната улога – Риголето ќе ја толкува гостинот од Италија, Даниеле Луис Де Висенте, во улогата на Џилда ќе настапи Ана Дурловски, Војводата од Мантова ќе го толкува Дашуаи Чен (Кина), а во улогата на Спарафучил ќе настапи Владимир Саздовски. Во останатите улоги настапуваат: Николина Јаневска, Борко Биџовски, Драган Ампов, Јане Дунимаглоски, Ана Ројдева, Диме Петров, Марика Поповиќ, Десанка Глигоријевиќ, заедно со хорот, оркестарот и балетскиот ансамбл на Националната опера и балет.

„Риголето“ е длабока и возбудлива драма за човечката природа, која силно и емотивно ги открива темните страни на страста, моќта и моралот. Оваа трагична приказна за љубомора, одмазда и жртва, инспирирана од драмата „Кралот се забавува“ на Виктор Иго е раскажана преку впечатлив музички јазик и богата мелодиска структура. Операта е особено позната по своите арии, меѓу кои и „La donna è mobile“, кои и денес се едни од најпрепознатливите и најизведуваните во оперската уметност.

Поврзани вести