
Либерално-демократската партија (ЛДП) повторно ја нагласува потребата од итна модернизација на изборниот процес, повикувајќи на отворање суштинска дебата со современи решенија, се наведува во соопштението.
Од партијата информираат дека членката на Извршниот одбор на ЛДП, Виолета Здравковска, со долгогодишно искуство во областа на телекомуникациите и дигитализацијата, ја поддржала позицијата на претседателката Моника Зајкова дека моделот на технички влади и, како што велат, партиско влијание врз изборниот процес, е надминат, а иднината треба да се бара во електронското гласање.
Здравковска посочува дека државата веќе нема оправдување за одложување на ваквите реформи, оценувајќи дека актуелните дебати за таканаречената „Пржинска влада“ не се во чекор со современите предизвици и можности.
„Како професионалец кој секојдневно работи со современи технолошки системи, сметам дека е потценувачки за граѓаните да се тврди дека не сме подготвени за вакви решенија. Земји како Естонија веќе подолго време применуваат електронско гласање, а нашите граѓани секојдневно користат дигитални услуги во странство“, наведува Здравковска.
Таа додава дека ЛДП не се залага за проширување на извршната власт преку нови функции, туку за воспоставување систем кој ќе биде отпорен на злоупотреби. Според неа, технологијата може да придонесе за поголема транспарентност и доверба во изборниот процес.
„Потребно е да се искористат постојните капацитети, вклучително и биометриската идентификација, како основа за понатамошен развој. Клучниот предизвик останува политичката волја за воведување ефикасен и доверлив систем“, вели Здравковска.
Од ЛДП порачуваат дека ќе продолжат да се залагаат за насочување на ресурсите кон реформи што ќе донесат, како што велат, модерно, европско и транспарентно решение за гласање, наместо трошење средства на административни механизми.

Македонски


