Skip to main content

Алиу: Клиничката болница во Тетово ќе се реконструира за околу 74 милиони евра

Клиничката болница во Тетово ќе биде целосно реконструирана, модернизирана и функционално реорганизирана преку стратешки проект вреден 4,56 милијарди денари, односно околу 74 милиони евра, вели министерот за здравство, Азир Алиу во објава на социјалната мрежа Фејсбук.

Според министерот Алиу, станува збор за проект кој треба трајно да го промени начинот на обезбедување здравствени услуги во Полошкиот регион.

Министерот Алиу посочува дека проектот ќе се реализира според најдобрите меѓународни практики, преку комбинирање на државни средства и финансии од меѓународни финансиски институции, структурирани на одржлив и долгорочен начин.

Со проектот е предвидена целосна реконструкција и модернизација на постојните објекти, набавка на современа медицинска технологија и опрема, како и функционално поврзување на болничките објекти со топли коридори, со цел побезбедно и поефикасно движење на пациентите и здравствениот персонал. Дополнително, ќе се изградат и две нови современи згради.

Од раздвоени и амортизирани објекти одиме кон интегриран, функционален систем подготвен за иднината. Од систем што доцни, кон систем што реагира навреме“, нагласува министерот Алиу.

Според него, оваа инвестиција ќе создаде нова регионална здравствена установа во која граѓаните од Полошкиот регион ќе можат да добијат квалитетна здравствена услуга навремено и поблиску до местото на живеење.

Министерот Алиу потенцира дека проектот има и значајна развојна и образовна димензија. Во соработка со Универзитетот во Тетово, професорите и студентите по медицина за првпат ќе добијат модерни и достоинствени услови за работа, практична обука и подготовка според стандардите на современото здравство.

Поврзани вести