Skip to main content

ССМ со првомајски протест за повисока минимална плата

Зад паролата „За плата се бориме – не се молиме“, денеска во 11 часот, на 1 Мај, Денот на трудот, застанаа илјадници работници, кои маршираа од Синдикалниот дом до Владата.

Во фокус на нивните барања е зголемување на минималната плата на 600 евра, што според ССМ е неопходен минимум за достоинствен живот.

Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, од протестот порача дека работниците денес се собрале за јасно да укажат на проблемите со ниските плати, непочитувањето на колективните договори, неплатената прекувремена работа и недостигот на социјален дијалог во земјава.

Денес сме тука не за да го слушнат тоа што сакаат да го слушнат, а ние да им кажеме дека платите се добри, дека се почитуваат колективните договори, дека се плаќа прекувремената работа, дека во Македонија е добро ако се работи 12-часовен работен ден за одредени колеги, дека е добро тоа што поднесуваат иницијативи во Уставниот суд затоа што сакаат да укинат колективен договор и дека е добро тоа што нема социјален дијалог.

За жал, сликата во Македонија не е таква. Тие се обидоа да нè поколебаат, да нè откажат од работничката борба и на таков начин да покажат дека добро се живее во Македонија. Сакаат сликата за Македонија да биде 1% од народот на Македонија, кој има можност да си дозволи да замине во странство на продолжен викенд, и на таков начин да кажат дека сите се задоволни.

Но, за жал, денес дојдовме да им кажеме дека, според нивните податоци, според податоците од Управата за јавни приходи, половина од работничкиот народ во Македонија живее со плата под 600 евра. Денес дојдовме да им кажеме дека една третина од вкупниот работнички народ во Македонија живее под прагот на сиромаштијата. Денес дојдовме да им кажеме дека тоа што го прават не е доволно.

Денес дојдовме да им кажеме дека, додека ги потпишуваат колективните договори под притисок на синдикатите, а благодарение на протестите и штрајковите кои ги организиравме ние и вие заедно, денес водат борба за укинување на еден колективен договор кој ќе значи за една категорија работници минималец, а ќе значи за сите работници во следниот период исто така минималец.

Во текот на вчерашниот ден беше истакнато дека тие планираат минималната плата да изнесува 500 евра до крајот на мандатот на оваа влада. Ние бараме минималната плата да се зголеми. Две години одбиваат да ја зголемат затоа што не сакаат да вратат работничко достоинство.

За жал, голем број работници денес гинат на своите работни места. Наутро заминуваат на работа, а навечер не се враќаат. И никој не презема ништо за нивна заштита.

Први мај живее, колку и да сакате да го умрете. Работничкото движење ќе живее, колку и да сакате да го умрете. Сојузот на синдикатите ќе живее, колку и да сакате да го умрете.

80 години поминавме со комунисти, социјалисти, демократи и денес десничари, но клучно е што работниците во толкав број во 1946 година се собрале и го основале најголемиот синдикат во државата, кој од 1946 година бие битки со сите досегашни влади и ќе продолжи да го прави тоа – порача Трендафилов.

Протестот што започна пред Работничкиот дом на ССМ, потоа продолжи пред Собранието, Стопанската комора и Владата, каде беа упатени синдикалните барања.

На протестот не учестуваше Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК), кои во пресрет на празникот вчера организираа конференција на тема „Трудови политики и колективни договори – законска рамка, примена и предизвици“.

Поврзани вести