Skip to main content

Mицкоски потсети: Во 2020 година државата се задолжи за историски 10 проценти за тогашната влада да се спаси на изборите

– Немаме ценовни шокови и цело време имаме стабилно и континуирано снабдување со нафта и нафтени деривати. И ниеднаш не излеговме да се жалиме, туку најдовме начини да се бориме и да не очајуваме. Имаме сериозен предизвик како Влада во грижата за стандардот и животот на граѓаните во услови на оваа тешка економска криза, која трае два месеци, со разни осцилации во цените на нафтените деривати – истакна премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на прашање на пратеникот Бојан Стојаноски од ВМРО-ДПМНЕ за економските мерки што се преземаат за ублажување на последиците од економската криза. 

Рече дека е лага изјавата на поранешниот премиер дека и во 2022 и сега сме имале најниски цени на дизелот.

– Тоа не е точно. Да, сега имаме најниска цена на дизелот и на безнините во регионот. Ниеднаш во овие два месеци не излеговме во јавноста да лееме солзи. Рековме: така е, тешка е работата, но нема да очајуваме, ќе се бориме. И најдовме начин да се бориме, а притоа буџетот да не биде премногу афектиран и, сепак, да имаме убедливо најевтини горива во регионот и да им помогнеме на граѓаните од соседните земји. Да ѝ се реваншираме на некоја од соседните земји, која нам ни помагаше кога овде беше некоја друга влада, кога правевме спектакли на граница, кога се радувавме на неколку стотици завои, гази, маски итн. Да им заблагодариме за тоа време и сега граѓаните од тие земји да може да точат гориво на бензинските пумпи во Македонија по цена пониска за 30-40 проценти од цената на горивата во нивните земји – рече Мицкоски.

Се согласува дека треба да се имаат предвид и повисоките просечни плати во земјите од ЕУ.

– Да, така е. Тие купуваат повеќе, но дали е зголемена таа разлика од некогашните 1.500 литри со некогашните во Македонија 500 литри куповна моќ во согласност со просечната плата, па сега таму има 2.000, а кај нас, да речеме, 250? Или, пак, од нивните 1.500 дошле на 1.000, а нашите 500 дошле на 750? Дали таа разлика се намалила? Да, се намалила за 30 до 50 проценти од држава до држава. Тоа е суштината. Вие мора да правите споредба со нешто, компаративна анализа. Да, точно е. Ние не можеме за две години да го стигнеме стандардот на Франција, на Италија, на Австрија, на Чешка, на Грција. Но, дали е таа разлика намалена? Намалена е, од 30 до 50 проценти. Тоа се факти и не е дел од мојата фантазија – истакна Мицкоски.

Во однос на макроекономските показатели, рече дека БДП кај оваа Влада шест квартали по ред има во просек 3,5 отсто реален раст. Претходната влада во 25-26 квартали по ред имала, рече, раст на БДП 1,8 процент, а толкав бил процентот и во првите шест квартали од нивното владеење кога немало криза и не била почната корона-пандемијата.

– Во 2020 и 2021 долгот и буџетскиот дефицит се зголемни 10 проценти затоа што тогаш на влада си носеа одлуки со сила на закон. Тие уредби што ги потпишуваше тогашниот претседател уште стојат тука некаде во собраниска процедура и пратениците треба да се произнесат што правиме со тие уредби. Тие уредби на владата, која ја водеше Оливер Спасовски како технички премиер, ѝ овозможија да носи уредби со сила на закон. И тогаш се случи најбруталниот поткуп во поновата историја на македонската политичка сцена на избори. Се носеа уредби и се задолжуваа неродените генерации во Македонија, само за да се спасат на изборите во 2020 година. Потоа, сето тоа законски, преку тие уредби со сила на закон, додека не беа окупирани со креирање тендери за модуларни болници, го спакуваа и го испорачаа како помош за студенти, за пензионери, за афектирани граѓани. Тогаш државата се задолжи за историски 10 проценти од својот бруто-домашен производ. И тогаш се зголеми буџетскиот  дефицит. Само со една цел – да се украдат изборите, по која било цена. Не водејќи сметка дека на тој начин ги задолжуваат неродените генерации. Ние ги враќаме долговите и на некоја влада од некогаш, но најголемите долгови што ги враќаме се од нив, од нивните влади. И ќе продолжиме да ги враќаме зашто водиме одговорна политика и ги почитуваме граѓаните, рече Мицкоски на седницата за пратенички прашања

Поврзани вести