Skip to main content

Гран при за романската актерка Андреа Танасе и нејзината монодрама „Ноти“ на Интернационалниот фестивал на монодрама во Битола

Романската аклтерка Андреа Танасе која на Интернационалниот фестивал на монодрама во Битола ја изведе монодрамата „Ноти“ е годинашен добитник на највисокото фестивалско признание, наградата Гран при.

Меѓународното стручно жири соопшти дека претставата „Ноти“ претставува современ театарски проект кој органиски ги обединува елементите на физичкиот театар со психолошка димензија при истражувањето на социјалната маска. Делото е поставено како клучен изразен инструмент, додека фрагментираната сценска структура ги пренесува внатрешните распади, приближувајќи се кон естетиката на дисоцијации и условеност. Изведбата се обликува со интензитет и суптилна нијансираност при што се пренесува длабока емоционална сложеност на ликот. 

-Уживав за време на престојот во Битола и пред прекрасната публика. Благодарам за пораките и за избраните зборови на стручното жири. Благодарам на моите прекрасни домаќини, тимот на НУ Центар за култура, истакна романската актерка Танасе за време на врачувањето на наградата Гран при која ја додели директорот на НУ Центар за култура, Сашо Илковски.

Со одлука на стручното жири, за најдобар актер на фестивалот беше прогласен Јано Изорија од Грузија кој ја изведе монодрамата „Кваркваре“, наградата најдобар режисер ја доби Жива Бизовичар, режисерка на монодрамата „Џеки“ која ја изведе актерката од Драмски театар-Скопје Трајанка Илиева Вељиќ, годинашен лауреат кој доби најмногу гласови од битолската публика.

-Општина Битола секогаш ќе дава безрезервна поддршка на монодрамата. Оваа е вечер кога се прогласуваат најдобрите на фестивалот. Секое признание има посебна вредност затоа што неговото значење е поврзано со посебна приказна која одбележува едно дело, настан или придонес во создавање нешто ново или општествено добро, а во овој случај театарските пораки од фестивалот на монодрама, истакна градоначалникот Тони Коњановски на вечерашното свечено затворање на фестивалот.

Во чест на наградените, актерките на Драмски театар Скопје, Ања Митиќ и Билјана Драгиќевиќ Пројковска, вечерва во Битола ја изведоа претставата „Гидионовиот јазол“.

МИА

Поврзани вести