Skip to main content

Љутков за јубилејот на Кинотека: Во овие простории не се чуваат само филмски ленти, тука се гласовите што вечно ги раскажуваат приказните за нас самите

На одбележувањето на значајниот јубилеј-50 години постоење на Кинотека на Македонија пред присутните се обрати министерот за култура, Зоран Љутков.

Ми претставува особено задоволство што можам да ве поздравам на денот кога одбележуваме голем  јубилеј. Го славиме времето што не згаснало, туку се претворило во светлина. Педесет години Кинотека на Македонија. Педесет години грижа за сликите што се своевидни сведоштва, отпечатоци од духот на едно општество, на една култура, на една истрајност.

Иако периодот од педесет години е возраст на зрелост, кинотеката не брои години, таа создава вредност што трае.

Нејзината сила е во преносот: од генерација на генерација, од тишина во глас, од минато во иднина.

Филмот е најнежната и најсилната форма на паметење. Тој не прашува дали сме подготвени, тој нè соочува. Со нашите стравови, со нашите радости, со нашите вистини. А Кинотеката, таа е чувар на времето. Архив на идентитетот. Тивка, но непоколеблива одбрана од заборавот.

Педесет години се доказ за истрајна верба во суштината на културата како темел врз кој се гради општеството, како вредност што создава смисла, континуитет и иднина. Дека сликата што ја зачувуваме денес, утре ќе биде доказ дека сме постоеле, мислеле, чувствувале. Дека сме имале што да кажеме.

Во овие простории не се чуваат само филмски ленти, овде се чуваат човечки судбини. Овде се зачувани погледите на генерации свртени кон иднината со сомнеж и надеж. Тука се гласовите што вечно ги раскажуваат приказните за нас самите.

Денес им оддаваме почит на вработените, на кустосите, на техничарите, на архивистите , на сите што работат во тишината  на  полиците , меѓу лентите и дигиталните траги.

Вашата работа е далеку од светлата на сцената но создава траење.

Без вас, сликите би исчезнувале, а сеќавањето би било победено од заборавот.

Вие не чувате само материјал, вие чувате смисла, а вашата тишина зборува најгласно.

И затоа, оваа годишнина не е само повод за честитка. Таа е повик, повик да продолжиме, да вложуваме, да создаваме и да не дозволиме културната меморија да стане тивка архива без глас, туку жив организам што дише со своето време.

Министерство за култура и туризам, ќе продолжи со поддшката на Кинотеката, не само како институција, туку како движечка сила. Да ја направиме достапна, современа, дигитално моќна, но истовремено верна на својата суштина, да биде дом на вистината запишана во слика.

Нека Кинотеката продолжи да нè потсетува кои сме биле, за да знаеме какви би можеле да бидеме.

Честити 50 години, со почит кон сработеното и со јасна визија за она што следи. Нека времето пред вас донесе нови хоризонти, нови гласови и уште посилна светлина што ќе остане.

Поврзани вести