
Драматична била ситуацијата утринава на градилиште во Кисела Вода, каде при ископување дошло до затрупување на работници.
Според информации од терен, полицијата и пожарникарите пристигнале за неколку минути по пријавата и веднаш започнале со извлекување на затрупаните. Очевидци велат дека службите реагирале веднаш по пристигнувањето.
Неофицијално, токму брзата интервенција во првите минути направила разлика, со оглед дека секое дополнително доцнење сериозно би ја влошило состојбата на затрупаните.
Пожарникарите што учествувале во извлекувањето, сведочат дека со рачни алати копале во земјата за да стигнат до затрупаните.
Беше потресна глетка. Имено, акција траеше четириесетина минути, а во неа беа вклучени седуммина пожарникари. За да ги извлечеме од под земја, користевме рачни алати. Кога ги извадивме, тројцата беа контактибилни, но вознемирени и исплашени, додека четвртиот беше мртов. Повредените беа пренесени во Ургентниот центар – изјави командантот на Градската противпожарна бригада, Ѕвонко Томевски.
Според Министерството за внатрешни работи, случајот бил пријавен во 8:17 часот, по што веднаш биле ангажирани сите надлежни служби.
Денеска (24.4.2026) во 8:17 часот, во СВР Скопје е пријавено дека на градилиште на улицата „Козјак“ во Скопје, при ископ на темели, со земја биле затрупани тројца работници. Од нив, двајца се извадени и со возило на Итна медицинска помош се пренесени во комплексот клиники „Мајка Тереза“, а во координација со Центарот за управување со кризи (ЦУК) и Бригадата за противпожарна заштита, се преземаат мерки за вадење и на третото лице – беше првата информација до медиумите од МВР.
Во тек е увид на надлежните институции, кои треба да ги утврдат причините за несреќата.

Македонски



