
Во недела (26.04.2026) за првпат ќе се одржи меморијална дуатлон трка во чест на легендата на македонскиот спорт и основач на Триатлон федерацијата на Македонија, Ѓоко Кузмановски.
Со овој настан се оддава признание на неговиот огромен придонес за развојот на триатлонот во земјата. Пред 25 години, со голем ентузијазам и визија, Кузмановски ги постави темелите на Федерацијата, придонесе за формирање на нови клубови и активно работеше на пренесување на знаење, спортски дух и солидарност меѓу сите членови.
Трката е во календарот на Триатлон федерацијата на Македонија и се одржува според врвни стандарди и во согласност со светските правила. Натпреварот се одвива во три последователни сегменти: прво трчање, потоа возење велосипед и завршно повторно трчање.
На програмата се предвидени четири старта, со почеток во 9:00 часот и завршување во 13:30 часот, кога се очекува финиш на последниот натпреварувач од последниот старт.
Патеката на движење ќе се одвива на подрачјето на општина Аеродром, пред СЦ „Јане Сандански”.
Стартот ќе биде пред влезот на СЦ „Јане Сандански”, ќе се продолжува по булевар „АСНОМ” во правец кон хотел „Хилтон”, по левата страна на булеварот (паралелно со паркингот).
Велосипедскиот сегмент ќе започне веднаш по трчањето и ќе се одвива по следната траса: од СЦ „Јане Сандански” кон Мајчин дом по улица „Васко Карангелески” и полукружно назад пред првите легнати полицајци, потоа десно по булевар „АСНОМ” кон хотел „Хилтон”. Кај семафорот со булевар „Србија” се прави полукружно вртење назад по истата коловозна лента до првите семафори (влезот на паркингот на хотел „Хилтон”), каде трасата се проширува на двете страни од булеварот до СЦ „Јане Сандански”.
На оваа патека ќе се возат осум круга. Влезот кон паркингот на хотел „Хилтон” ќе биде ограден и функционален со контролиран пристап.
Организатор на трката е Спорт Клуб СОФКА од Скопје, во соработка со Триатлон федерација на Македонија и Сојуз на спортови на Скопје.

Македонски



