
Пазарниот инспекторат е постојано на терен и доколку евидентира случаи на зоупотреби од трговците, ќе реагираме во согласност со механизмите и мерките што ги имаме на располагање и ќе ја ограничиме профитната бруто-маржа да не оди над 10 проценти – изјави министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, по денешната седница на Економско-социјалниот совет.
Досега, според него, има мало зголемувања на цените, позначително кај берзанските производи.
– Кај другите производи, според анализата што ја направивме за периодот од 1 февруари до 1 април, зголемувањето е минимално, што не е значајно за инфлацијата – рече Дурмиши на новинарско прашање по седницата на Економско-социјалниот совет.
Прашан дали смета дека не треба да има мерки во услови на сегашната инфлација, посочи дека треба да се гледа од каде доаѓа инфлацијата и оти цените на основните прехранбени производи, каде што имаат надлежност и механизми, се под контрола. – Од други причини, доколку се утврдат, нормално дека ќе реагираме, исто како што реагиравме и во изминатиот период – посочи Дурмиши.
Како што рече, постојано се работи на анализа и следење на пазарните движења. Во соработка со Државниот пазарен инспекторат направена е анализа на 55 најосновни прозводи од четири трговски синџири во периодот од 1 февруари до 1 април 2026 година. Резултатите покажуваат минимален пораст на продажните цени од 0,4 проценти, набавните цени пораснале за 1 процент, а истовремено просечната профитна бруто-маржа од страна на трговците е намалена од 16 на 15 проценти, што, истакна Дурмиши, покажува дека и тие презеле товар да излезат во пресрет во тековната криза и да бидат стабилни цените. Кај основните прехранбени производи има благ пораст од 0,45 проценти, најмногу кај јајцата, сирењето, маслото и киселото млеко, но, истакнува, тоа се берзански производи. Кај овошјето и зеленчукот има намалување од 0,86 проценти, кај безалкохолните за 1 процент, а кај хигиенските производи пораст од 1,4 процент.
– Со анализите што ги имаме ја гледаме профитната бруто-маржа на трговците. Пазарните инспектори ги контролираат секојднево, ако има девијантно однесување од страна на трговците и зголемување на маржата надвор од она што покажуваат податоците од пазарната економија, нормално дека ќе реагираме со конкретни мерки како што реагиравме со ограничување на маржата на ѓубривото, каде што трговците беа фатени дека ја зголемуваат маржата. Исто така, вчера имавме состанок со трговците што продаваат автогас, каде што беше евидентирано дека има зголемување на маржата од 22 проценти. Разговаравме со нив и веднаш по состанокот, ги намалија цените, односно направија маржа од 5 проценти во големопродажба и 5 проценти на малопродажба. Тоа се случуваше. Да не се случеше ова, ќе одевме со конкретни мерки – рече Дурмиши.
Тој најави дека на наредната седница на ЕСС ќе биде усвоена просечната потрошувачка кошничка што ја пресметува Владата и оти таа, како што рече, ќе биде пониска за 13 проценти од онаа што ја пресметува Сојузот на синдикатите на Македонија.
– Ние имаме направено методологија за пресметка на просечната и минималната потрошувачка кошничка. Некои ставки од методологијата ги оспоруваме, како и пресметките што ги прават синдикатите, каде што има повеќе разлики. Нашите анализи покажуваат дека нашата пресметка е речиси 13 проценти пониска. Во наредниот период ќе работиме со релевантните институции, особено со статистика, за да се подобри навременоста на податоците, со цел да можеме точно и навремено да ја објавуваме потрошувачката кошничка за секој месец. Во моментот имаме податоци за февруари, делумно и за март и април, но сметаме дека тие информации не треба да се објавуваат во јавноста пред да бидат потврдени од релевантните државни институции – изјави Дурмиши

Македонски


