
„Постземјотресни обележја во Центар“ е именувана градската тура со историчарката на уметност и кустос Бојана Јанева која ќе се одржи во сабота, 25. април, од 12:00 часот во Скопје.
Турата трае 90 минути и се почнува од Плочникот во Центар во 12 часот. Учеството на турата е бесплатно.
„Центарски прошетки – приказните зад градбите” како дел од Програмата за култура на Општина Центар за 2026 година работи на изградба на поинформирано, поповрзано и културно подинамично општество, каде јавниот простор станува заедничка територија на колективната меморија, дијалогот и граѓанската гордост. Проектот одговара на потребата за зголемена урбана писменост, поврзаност во заедницата и инклузивна ангажираност, додека го активира јавниот простор како место за учење, дијалог и гордост.
Дали некогаш сте застанале и навистина сте ги погледнале бетонските згради во центарот на Скопје покрај кои секојдневно поминувате?
Ова е покана за несекојдневна прошетка по секојдневните патеки, на која ќе ви ги раскажам приказните за визијата, за храброста и за солидарноста што стојат зад највпечатливите примери на бруталистичката архитектура во центарот на Скопје.
Ќе ги разгледаме Градскиот ѕид, Главната пошта, Градскиот трговски центар, МАНУ и новата железничка станица…
Ќе зборуваме:
– за тоа што е брутализам (и зошто не е „само бетон“)
– каква била визијата зад обновата на Скопје по земјотресот
– кои се архитектите и архитектките и какви приказни стојат зад овие објекти
– за детали што секојдневно ги гледаме, но не им ја знаеме историјата, се вели во најавата за настанот.

Македонски


