Skip to main content

Маѓар: Унгарија ќе ги почитува налозите на МКС, вклучително и за Нетанјаху

Победникот на парламентарните избори и следен премиер на Унгарија Петер Маѓар изјави дека неговата земја повторно ќе се приклучи кон Меѓународниот кривичен суд (МКС) и ќе биде подготвена да ги спроведува налозите за апсење, вклучително и оној што се однесува на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.

Досегашниот премиер Виктор Орбан, кој беше на власт 16 години, минатата година најави повлекување на Унгарија од МКС, откако го прими Нетанјаху во Будимпешта. Повлекувањето требаше да стапи во сила на 2 јуни годинава.

Веднаш по победата на парламентарните избори на 12 април, Маѓар најави дека има намера повторно да ја врати Унгарија во МКС. Истовремено, израелските медиуми објавија дека тој имал телефонски разговор со Нетанјаху, при што го поканил во Будимпешта на 23 октомври, по повод 70-годишнината од востанието против Советскиот Сојуз во 1956 година.

На прашање од новинар дали гледа противречност во овие потези, Маѓар појасни дека поканата ја упатил до сите лидери со кои разговарал телефонски.

– Ако некоја земја е членка на Меѓународниот кривичен суд и лице за кое има потерница влезе на нејзина територија, тогаш тоа лице треба да биде уапсено – изјави Маѓар на прес-конференција по првата средба на неговата пратеничка група во парламентот.

– Не морам сè да кажам по телефон. Претпоставувам дека секој шеф на држава и влада ги познава тие закони –  додаде тој.

Меѓународниот кривичен суд со седиште во Хаг во 2024 година издаде налог за апсење на Бенјамин Нетанјаху поради наводни воени злосторства и злосторства против човештвото во Појасот Газа.

Маѓар посочи дека неговиот тим ја разгледува процедурата за запирање на процесот на повлекување на Унгарија од МКС пред 2 јуни.

Тој најави и дека конститутивната седница на Националното собрание ќе се одржи за време на викендот на 9 и 10 мај, кога пратениците ќе положат заклетва.

Маѓар, исто така, повторно ги повика претседателот Тамаш Шуљок и највисоките судии во земјата да поднесат оставки до 31 мај, предупредувајќи дека во спротивно ќе бидат разрешени.

– Очекуваме оставка од марионетите на Орбан – изјави Маѓар на прес-конференција. Тој нагласи дека 31 мај е краен рок за нивно повлекување, по што новата власт ќе ги искористи мандатот и законските можности за нивно разрешување.

Маѓар ги претстави и предлозите за нови министри. За министер за финансии го предложи Андраш Карман, за министерка за надворешни работи Анита Орбан, а за министер за економија и енергетика Иштван Капитани. Сите номинации се во согласност со претходните очекувања. Тој додаде дека новата влада би можела да ја преземе должноста по 11 мај, откако ќе положи заклетва на конститутивната седница на Парламентот, закажана за 9 или за 10 мај.

Партијата од десниот центар „Тиса“ на Петер Маѓар оствари убедлива победа на изборите на 12 април, со што му стави крај на 16-годишното владеење на десничарскиот премиер Виктор Орбан.