
Во Галеријата на Младинскиот културен центар (МКЦ) во вторник, во 19,30 часот ќе биде отворена изложба на истакнатиот српски уметник Мирослав Живковиќ, која претставува внимателно конципиран визуелен дијалог помеѓу хроматското и ахроматското сликарство.
Изложбата ги обединува два клучни сегменти во авторскиот израз: пејзажи и портрети. Пејзажите се реализирани како хроматски студии инспирирани од реални пленерски искуства, каде доминира интензивен и нагласен колорит. Преку внимателно третирање на бојата, авторот го истражува влијанието на сончевата светлина врз природните тонови, создавајќи динамични и живописни композиции што ја доловуваат непосредноста на природата.
Портретите, од друга страна, се изведени во ахроматски пристап и претставуваат ликови на современици и блиски личности на уметникот. Во нив доминира изразена психологизација, нагласување на карактерот и силни валерски контрасти. Светлината овде игра клучна улога во обликувањето на формата, создавајќи драматични сенки и јасни визуелни акценти.
Мирослав Живковиќ (роден 1972 година во Ниш) е редовен професор на Факултетот за уметности во Ниш и еден од значајните претставници на современата ликовна сцена. Во текот на својата кариера има реализирано 72 самостојни изложби и учествувано на повеќе од 300 групни изложби во земјата и странство. Добитник е на повеќе награди за своето творештво и активен учесник на бројни уметнички колонии, симпозиуми и научно-уметнички настани.

Изложбата претставува значаен придонес во актуелниот ликовен контекст и нуди можност за подлабоко согледување на односот помеѓу светлината, бојата и формата во современото сликарство.
Изложбата ќе биде отворена до 30. април.

Македонски


