
Денес, 15.04.2026 година Управата за јавни приходи одржа брифинг со медиумите со цел да ги појасни законската рамка, процедурите и тековните активности поврзани со оданочувањето на доходот остварен во странство.
„Не станува збор за нов данок, ниту за ретроактивно оданочување, туку за законско постапување во пропишани рокови. Се работи за примена на постојни законски одредби кои важат со години. Обврската за пријавување на доход од странство постои континуирано. Нема двојно оданочување, треба да се достави доказ за платен данок во странство, се применуваат процедурите согласно меѓународните договори“, велат од УЈП и додаваат:
„Она што се менува е пристапот, податоците што УЈП ги добива од банките сега системски се анализираат и вкрстуваат за да се користат за даночни цели, со цел обезбедување правично и законито оданочување. Податоците повеќе не стојат складирани во архиви на сервери како во минатото, туку се користат за даночни цели, како што обврзува законот“.
Клучни податоци
За 2020 година:
- испратени 11.527 известувања до граѓани
- 2.276 лица доброволно поднесоа пресметки
- 3.637 случаи со утврден данок по службена должност
- 5.614 случаи – неoданочиви трансфери
- утврден данок: 171,6 милиони денари (30,4 милиони веќе наплатени)
Во 2025 година:
- 70.869 граѓани примиле приливи од странство (577 милиони евра)
- испратени 9.522 известувања до граѓани
- 4.459 лица доброволно поднеле пресметки
Нашиот пристап е постепен и фер: прво информираме, даваме можност за доброволно усогласување и директна комуникација со граѓаните.
За специфични случаи:
- За 257 лица од странски мисии е побарана проверка со странски даночни администрации преку надлежни институции, за да им се помогне во обезбедувањето докази
- Организирани директни средби со 134 млади лица
- Се работи на решенија како плаќање на рати и дополнителна едукација
Целта е јасна: да се подигне свеста и информираноста за доброволно исполнување на даночните обврски. Ова е услов за еднаков третман за сите и градење правичен даночен систем.
УЈП останува отворена за соработка, поддршка и транспарентна комуникација со медиумите, јавноста и даночните обврзници.

Македонски


