
Лидерот на победничката унгарска партија ТИСА, Петер Маѓар, изјави дека претседателот Тамаш Шуљок треба да поднесе оставка по формирањето на новата влада, по средбата со него во палатата „Шандор“ во Будимпешта.
Маѓар оцени дека Шуљок е „недостоен да го претставува единството на унгарската нација, да го чува владеењето на правото и да биде морален ориентир“, пренесуваат унгарските медиуми.
Тој изјави дека лично му порачал на претседателот дека народот гласал за промена на режимот и дека, според него, Шуљок не ја исполнува својата улога.
Имаше многу моменти кога требаше да реагира за да ги заштити децата или демократскиот поредок, но тоа не го направи – рече Маѓар.
Тој побара од Шујок доброволно да се повлече по смената на власта, предупредувајќи дека во спротивно тој и „другите поставени од владата на Орбан“ ќе бидат отстранети.
Шуљок изјави дека ќе ги разгледа аргументите, нагласувајќи дека и тој сака да го зачува владеењето на правото и угледот на Унгарија.
Маѓар најави дека новиот парламент би можел да ја одржи конститутивната седница на 4, 6 или 7 мај.
Тој, исто така, најави иницијатива за зајакнување на претседателската функција и воведување директен избор на претседател, со цел ограничување на моќта на премиерот и зајакнување на системот на контрола.
Маѓар вети дека ќе ги задржи позитивните политики на досегашната влада и ќе воведе нови мерки за поддршка на граѓаните, вклучително и програми за семејства, инвестиции во инфраструктурата, енергетска ефикасност и дополнителни средства за здравството.
Тој најави и враќање на замрзнатите средства од ЕУ во вредност од над 22 милијарди евра, преку антикорупциски мерки, приклучување кон Европското јавно обвинителство и реформи во правосудството и медиумите.
Во однос на разговорот со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, Маѓар изјави дека ќе се исполнат условите што се во интерес на унгарските граѓани.
МИА

Македонски


