Skip to main content

„Артемис 2“ се подготвува за враќање на Земјата

NASA

Мисијата „Артемис 2“ и четворицата космонаути на НАСА се подготвуваат за враќање на Земјата утре, откако патуваа до другата страна на Месечината, поточно ја заобиколија, во капсулата „Орион“. Со тоа, човекот стигна на најоддалечената точка од Земјата во историјата на човештвото.

Пилотот на „Артемис 2“, Виктор Гловер, колегите астронаути на НАСА, Рид Вајзман и Кристина Кох, и канадскиот астронаут Џереми Хансен се првите астронаути во рамките на програмата „Артемис“, којашто чини повеќе милијарди долари и која има за цел да ги врати луѓето на површината на Месечината до 2028 година – пред Кина, и да воспостави присуство на САД на Месечината во текот на следното десетлетие. Долгорочно, се планира изградба на база за можните идни мисии на Марс.

Кох, на својата прва прес-конференција во вселената, ја опиша низата предвидени мисии како „штафетна трка“, којашто ќе биде продолжена и надградена од наредните потфати.

– Имаме и симболични штафетни палки… Планираме да ѝ ги предадеме на следниот екипаж и правиме сè имајќи го тоа предвид, изјави Кох.

Следната мисија, под назив „Артемис 3“ ќе вклучува тест за приклучување во ниската Земјина орбита меѓу капсулата „Орион“ и двата месечеви приземјувачи што НАСА планира да ги користи за да ги испрати своите астронаути на Месечината во подоцнежните мисии. „Артемис 4“, закажан за 2028 година, би бил првото планирано слетување со луѓе на нашиот природен сателит. Тоа, според НАСА, би било прва мисија со луѓе по „Аполо 17“ во 1972 година.

Капсулата „Орион“ треба да слета на брегот на Јужна Калифорнија утревечер, а на пат кон дома ќе достигне брзина до 38.360 километри на час, при влегувањето во атмосферата на Земјата. Тоа важи за фаза со висок ризик од мисијата, се наведува.

Поврзани вести