Skip to main content

Топењето на мразот на Антартикот може да ја смени мапата на светот: Крие огромни залихи на злато, сребро, бакар и железо

Антарктикот, долго време симбол на недопрена природа и научно истражување, може да се соочи со радикална трансформација во наредните векови. Новите научни проценки укажуваат дека топењето на мразот би можело да открие огромни површини копно, отворајќи не само нови географски реалности, туку и сериозни геополитички прашања.

Според студија објавена во Nature Climate Change, до 2300 година на Антарктикот би можело да се појави копно без мраз со големина споредлива со американската сојузна држава Пенсилванија. Ова е прво истражување што ги вклучува ефектите од таканареченото глацијално изостатско прилагодување – процес при кој земјиштето се издигнува по повлекувањето на масивните ледени покривки.

Научниците објаснуваат дека под мразот на Антарктикот се крие сложен пејзаж од планини, долини, кањони и дури вулкани. Како што мразот се повлекува, овие структури постепено стануваат изложени, а со нив и потенцијално вредни природни ресурси.

Според водечкиот автор на студијата, геофизичарката Ерика Лукас, новооткриеното земјиште може да содржи значајни наоѓалишта на минерали како бакар, злато, сребро, железо и платина. Овие ресурси се клучни за индустријата и технологијата, што може да го зголеми интересот на државите за континентот.

Проекциите покажуваат дека до 2300 година би можеле да се појават различни количини копно без мраз, во зависност од интензитетот на климатските промени. Во сценарио со високо топење, станува збор за повеќе од 120.000 квадратни километри новооткриена површина, додека во умерени услови околу 36.000 квадратни километри, а во најоптимистичко сценарио само околу 149 квадратни километри.

Особено значајно е што дел од овие области се наоѓаат во региони за кои веќе постојат територијални претензии од земји како Аргентина, Чиле и Обединетото Кралство. Тоа отвора можност за нови дипломатски и правни предизвици во иднина.

Во моментов, според Антарктички договор, комерцијалната експлоатација на минерални ресурси на континентот е забранета, освен за научни цели. Но, експертите предупредуваат дека доколку ресурсите станат подостапни, може да се појави притисок за ревидирање на овие правила. Првата можност за такво преиспитување е предвидена во 2048 година.

Сепак, дел од научната заедница повикува на претпазливост. Професорот по меѓународно право Тим Стивенс смета дека и покрај потенцијалот, Антарктикот ќе остане исклучително тешка и скапа средина за експлоатација на ресурси. Според него, овие промени би можеле дури и да ја зајакнат меѓународната соработка и фокусот на заштита на животната средина.

Иако сценаријата за иднината се различни, едно е сигурно – топењето на мразот на Антарктикот не значи само климатска промена, туку и потенцијална трансформација на глобалната економија и политика. Континентот што со децении беше надвор од економските интереси, може да стане нова точка на интерес во светот што се менува.

Поврзани вести