
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска денеска на поставување камен-темелник на 400 кV далекувод од ТС „Битола 2” на граничниот премин Ќафасан на македонско-албанска граница истакна дека почетокот на изградбата на проектот е стратешка основа за новата енергетска карта на нашата земја и силен чекор напред кон модерна, стабилна и регионално интегрирана електроенергетска мрежа.
Денеска стоиме пред проект кој ја одбележува иднината на македонскиот енергетски систем. Почетокот на изградбата на 400 kV интерконективниот далекувод од ТС Битола 2 до македонско–албанската граница е стратешка основа за новата енергетска карта на нашата земја и силен чекор напред кон модерна, стабилна и регионално интегрирана електроенергетска мрежа. Денешниот настан е симбол на нашата решеност – дека Македонија не само што го следи европскиот енергетски развој, туку активно го гради – нагласи министерката.
Таа истакна дека сигурноста на снабдувањето и енергетската независност се највисок приоритет и додаде дека во изминатиот период вложуваат многу работа и средства во тоа да го стабилизираат, модернизираат и направат поотпорен и попредвидлив нашиот енергетски систем.
Но за една држава навистина да ја обезбеди својата енергетска иднина, потребно е да има издржлива, паметна и добро поврзана преносна инфраструктура, подготвена за предизвиците на зелената транзиција и за новата ера на дигиталната економија. Затоа денеска не градиме само далекувод со кој ја засилуваме преносната мрежа и го зголемуваме капацитетот за пренос. Со него градиме врска која ќе ја засили нашата позиција во регионалните енергетски текови, врска што ќе овозможи интеграција на нови обновливи извори, подобро управување со енергетските капацитети и поголема отпорност на системот – нагласи Божиновска.
Таа рече дека овој далекувод е јасна порака до секој иден инвеститор во обновливи извори, но и до инвеститорите во податочни центри, дигитални технологии и решенија базирани на вештачка интелигенција, дека нашата преносна инфраструктура е подготвена да ја поддржи идната економија.
Оваа електроенергетска врска со Албанија ќе значи и многу за регионалниот пазар на електрична енергија. Регионот на Југоисточна Европа се движи кон една нова, модерна енергетска реалност – поврзаност, размена, флексибилност. Македонија мора да биде дел од тие процеси, а денешниот проект токму тоа ни го овозможува. Со оваа интерконекција, ние ја затвораме последната отворена точка во нашата преносна поврзаност со соседите – нагласи министерката.
Таа додаде дека со оваа интерконекција, Македонија и Албанија заедно го потврдуваат своето партнерство, не само во економијата, туку и во електроенергетиката.
Стабилноста на нашите системи станува заедничка одговорност, а можностите за размена на зелена енергија стануваат заедничка развојна шанса. Овој проект ја покажува и силата на институционалната соработка. Под капата на МЕПСО, со поддршка од меѓународните партнери и со големо ангажирање на домашната експертиза, ги надминавме сите административни, технички и организациски блокади кои долги години го кочеа неговото започнување. Денес проектот е поставен на здрава основа, со јасна динамика, силна контрола и највисоки стандарди на работа – потенцира Божиновска.
Министерката рече дека ова што денеска се започнува ќе трае многу подолго од еден мандат, од една генерација или од еден економски циклус.
Ние ја поставуваме инфраструктурата што ќе ја користат идните производни капацитети, новите индустрии, дигиталните платформи, податочните центри и генерациите што доаѓаат. Затоа верувам дека денешниот ден ќе биде запишан како важна точка во развојот на македонската енергетика. Им посакувам успешно, безбедно и навремено реализирање на сите активности на проектот, а на сите нас одговорност да продолжиме да инвестираме во стабилна, современа и зелена енергетска иднина – изјави Божиновска.

Македонски


