
Гувернерот Трајко Славески денеска во изјава за медиумите, повикувајќи се на Законот за Народната банка, рече дека одлуките на Советот се легитимни иако е истечен мандатот на двете вицегувернери Ана Митерска и Емилија Нацевска. Очекува Парламентот во следните денови или почетокот на април на дневен ред да го стави изборот на новите вицегувернери.
Прочитајте го став 3 од член 55 од Законот за Народна банка каде стои дека се до изборот на нови вицегувернери, постојните ги имаат сите овластувања. Ова прашање е апсолвирано. Чекаме на Парламентот во следните неколку денови, можеби на почетокот на април, да го стави на дневен ред прашањето за вицегувернери на Народната банка, изјави Славески во одговор на новинарско прашање дали се легитимни одлуките на Советот имајќи предвид дека е истечен мандатот на двајцата вицегувернери.
Славески не ги откри имињата на кандидатите за оваа функција иако дел од медиумите објавија дека станува збор за досегашната вицегувернерка Ана Митреска која ќе добие втор мандат и за Игор Величковски, директор на Секторот за операции на финансиските пазари и платни системи.
Славески рече дека не чувствува одговорност и нема да поднесе оставка од функцијата.
Вчера, СДСМ на прес-конференција обвини дека мандатите на две вицегувернерки истекле уште лани, а постапката за нивен избор сѐ уште не е завршена, иако роковите биле одамна пробиени. Според СДС; гувернерот има директна одговорност за ваквата состојба.
Од Народната банка вчера одговорија дека предлозите за вицегувернери се доставени до Собранието по завршување на јавниот повик и во согласност со законските процедури и ги отфрлија тврдењата дека се кочи изборот на вицегувернери. (МИА)

Македонски



