
Во нашата држава, а тоа е и светски тренд, процентот на царски резови навистина е зголемен. Треба да се ревидираат клиничките протоколи, затоа што секој царски рез понатаму носи ризици и за мајката и за новороденчето, кажа денеска директорката на Клиниката за гинекологија и акушерство (ГАК) проф. д-р Ирена Алексиоска Папестиев на прес-конфренција во Министерството за здравство.
Царскиот рез некогаш е оправдан затоа што за животот на мајката и животот на бебето има оправдани индикации. Меѓутоа, според Светската здравствена организација, оправданата индикација е од 15 до 20%. Веќе на светско ниво, некаде процентот на царски рез е 33%. Тоа е како воведување на антибиотици, антикоагулантна терапија, вели директорката на ГАК.
Проф. Алексиоска – Папестиев објасни дека секогаш по третиот царски рез, сите светски протоколи предвидуваат стерилизација на мајката, затоа што секој нареден царски рез е компликација.

Меѓутоа, ние не можеме да ја стерилизираме мајката без да имаме согласност од неа. Треба да се ревидира мајчината смртност, затоа што сè повеќе веројатно постари пациенти со коморбидитети раѓаат и сè повеќе имаме гинеко-онколошки пациенти коишто заради возраста веќе имаат и онколошка болест, а понатаму и раѓаат. Така што, наредниот фокус, треба да биде на ажурирање на протоколите, на препораките за царскиот рез. Непотребно да не се прави. Тука треба да се вклучат сите здравствени институции — почнувајќи од Клиниката каде што се слеваат сите најсложени случаи, до приватните болници каде што малку се полиберални за поставување на индикација на царски рез, и до сите останати здравствени институции во регионот. Царскиот рез некогаш може да го спаси животот на мајката и бебето, меѓутоа ако е непотребно направен, понатаму може да доведе до компликации, изјави проф. Алексиоска – Папестиев.
Протоколите обично се менуваат на тој начин што се вклучуваат експерти од областа и се следат протоколите коишто веќе се донесени од светските водичи коишто се базирани на податоци и резултати добиени од претходни истражувања. И тие се протоколи коишто се даваат и се праќаат до сите здравствени институции коишто треба да се следат. На тој начин се покриени здравствените работници, а се покриени и самите пациенти.

Македонски


